Во Велес како да не доаѓаат избори!
Од владеачката партија тактизираат, опозицијата го промовираше кандидатот но, неизвесно е дали ќе излезе на избори.
Ниту една кандидатура за градоначалник или листа на советници не стигнала до сега во општинската изборна комисија.
Велешани сеуште се во неизвесност кој ќе бидат можните градоначалници и советници што во наредните четири години ќе работат за интересите на граѓаните и на градот.
Од владеачката партија сеуште тактизираат. ВМРО ДПМНЕ веќе долго време шпекулира со повеќе имиња, но ниту едно не е официјално.
Првично и неофицијално се шпекулираше со имињата на директорот на „Брако“ Кочо Анѓушев, професорот во хемиска Бошко Караџов, а во игра беше и актуелниот претседател на советот Славчо Чадиев. Првите две имиња се помалку се спомнуваат како можни кандидати, додека Чадиев најверојатно останува во игра. Последниве денови се погласни се информациите дека е можно и актуелниот градоначалник Горан Петров повторно да ја добие довербата од централата, или пак неговата улога да ја преземе актуелниот пратеник Ѓорѓи Коџобашиев.
„Се уште не е одлучено кој ќе биде кандидат за градоначалник, а на ова работи централата во Скопје. Се надеваме дека за брзо време нашата партија ќе го предложи кандидатот“, рече Славчо Чадиев, председател на велешкиот огранок на ВМРО ДПМНЕ.
И во СДСМ е неизвесно. Иако уште летово, меѓу првите го промовираа поранешниот градоначалник Аце Коцевски како кандидат и тој цело лето одеше по домовите на граѓаните за да собира идеи за програма сега неговата кандидатура „виси во воздух“. Прашање за милион долари, како што коментираат познавачите, е дали воопшто опозицијата ќе влезе во трката за освојување на локалната власт.
„ Засега не се знае. Актуелен е ставот да не се оди на локални избори доколку не се постигне политички договор за предвремени парламентарни избори“, рече Аце Коцевски, кандидат за градоначалник на СДСМ.
Уште понеизвесно е и кој ќе се најде на предлог листите за советници. Според информациите на Дума.мк сегашната власт и покрај тоа што речиси ја скроила листата на која во голем дел остануваат досегашните советници сеуште прави анкета меѓу граѓаните. На неа се појавија имињата на урологот д-р Горан Јовиќ, сопственикот на фирмата „Малина“ Румен Смилев, како и сопственикот на „Агрија“ Перо Колевски.
Според информациите на Дума.мк во СДСМ имало доста превирања за тоа кој да биде советник и на кое редно место да се најде на листата. Но, со оглед на нивниот став дека ќе ги бојкотираат изборите можно е листа воопшто да нема.
И додека партиите тактизираат во Велес се појави иницијатива за создавање на советничка листа од граѓани, чиј носител требаше да биде поранешен независен кандидат за градоначалник. Но, идејата пропадна откако ги пробија роковите, потврдува за Дума.мк, можниот и несуден носител на независна советничка листа.
Сепак додека велешани се во неизвесност,партиите се активни на терен.
Владеачката ВМРО ДПМНЕ секојдневно ги бомбардира граѓаните со прес конференции на локалните медиуми на кои промовира се што сторила во изминативе четири години на владеење.
Опозициската СДСМ пак на терен секојдневно организира граѓански парламент во знак на отпор против актуелната власт.
Светилките на главните партиски штабови, кои се наоѓаат во центарот на градот, светат до доцна во вечерта, додека секојдневно никнуваат и нови помали штабови во речиси секое велешко маало./ Б.Н