Летово се спасија од селење дивите кампери на Младост!
Објавено: 12 јули, 2013, во 13:40 часот
Се додека општината не го објави огласот за продажба на парцелите за изградба на хотели и мотели, камп приколките и импровизираните викенд куќи остануваат на брегот на езерото. Во моментов постапката е запрена бидејќи му се дава право на индискиот инвеститор прв да ги избере потребните локации за изградба на студенскиот кампус тогаш камперите ќе можат да здивнат. Нивните очекувања да поминат уште едно лето на езерскиот брег се многу веројатни.
– Имаме нов закон за кампување, на кој начин се уредува еден камп, а има се разбира и постапка како да се објави тој конкурс. Тие ќе имаат можност да си изнајмат плацови кај новиот сопственик на земјиштето, рече Славчо Чадиев.
Општината планира да изгради камп населба на брегот на езеро Младост. Таа треба да биде современа и уредена. Се бара и инвеститор.
– Бараме приватен инвеститор кој ќе го уреди езерскиот брег. Тоа е единственото место каде граѓаните можат да се рекреираат и да летуваат. Има доста заинтересирани инвеститори да го средат целокупното крајбрежје и тоа мора да биде лицето на градот, рече Чадиев.
Општинскиот комунален инспектор, пред еден месец, на сите диви кампери им подели барање да ги тргнат приколките и изградените импровизирани објекти од брегот на езерото. Тоа кај нив создаде револт.
Најголем дел од нив објаснија дека биле староседелци а нивните приколки биле поставени пред една и повеќе децении. Затоа се заканија дека нема да се селат. Бараа да преговараат со општината и градоначалникот за да му кажат дека законски не смеат да ги однесат приколките во Велес а друга локација неможеле да најдат./Б.Н



