СДСМ: Годинешниот ФАД „Стоби“ со најсиромашна програма!
Објавено: 12 јули, 2013, во 14:11 часот
Понудата на годинешното издание на Фестивалот на античка драма „Стоби 2013“ е најсиромашна додека за неа е предвиден ист буџет како и лани, реагираше денеска членот на Советот на општина Велес, од СДСМ Иван Ивановски.
Тој го пренесе партискиот став во кој се вели дека фестивалот е национален и затоа организаторите треба максимално да се ангажираат, залагаат и да ја покажат сопствената инвентивност за презентирање на што повеќе претстави кои би ја задоволиле потребата на љубителите на драмската уметност.
– Особено што фестивалот се одржува во амбиент на античкиот локалитет Стоби, истакна Ивановски. Тој со жалење констатираше дека на овогодинешниот фестивал ќе се одиграат само четири претстави.
– За разлика од минатите години, кога навистина беа прикажувани повеќе престави, годинава тоа не е случај, иако и оваа, како и изминатите години, Општина Велес од својот буџет одвои 1.000.000 денари за организација на овој културен настан. Според податоците во Програмата за култура на Општина Велес за 2013 година и Владата на Република Македонија, преку соодветното ресорно министерство издвојува плус 1.000.000 денари, рече Ивановски.
Тој посочи дека има најава и за други спонзори и праша ако во минатото се трошел ист буџет а на фестивалот на античка драма учествувале поглем број на театари и претстави тогаш што ќе се направи со вишокот пари кои оваа година би останале неискористени.
Според Ивановски годинешната програма на ФАД „Стоби“ е најоскудната. Тој постави прашање дали локалната власт со сретствата кои ќе останат од фестивалот би го помогнала ФК Борец по примерот на РК Борец./Б.Н

