Голема трагедија на семејството Тириќ во велешко Горно Оризари
Објавено: 9 септември, 2013, во 13:13 часот
Само излеаното моторно масло од тракторот, денеска, укажуваше дека на земјениот и уништен пат кон месноста Карамуслица вчера се случила голема несреќа со две жртви. Таму, во близина на селото Горно Оризари и нивите со тутун, се превртел тракторот што го управувала ќерката, триесет и пет годишната Сумера М, и во тумбањето ги згмечил неа и нејзината педесет и девет годишна мајка, Игбала. Т.
Во несреќата се спасила само соседката која исто така се возела на тракторот на кој имало закачено и корпа за тутун. Таа најверојатно скокнала предвреме кога тракторот се спуштил по стрмната удолница. Тешката сообраќајна несреќа се случила вчера околу 17 часот.
Увидот, кој вчера го направиле полицијата, истражен судија и јавен обвинител ќе треба да ги разјасни околностите под кои се случила несреќата и да ги утврди причините.

Со трагедијата што го снајде семејството Тириќ денеска сочувствува цело село. Сите жители напладне беа собрани пред џамијата и чекаа да почне погребот на двете жени. Нивни сосетки рекоа дека семејството не заслужило ваква голема болка.
– Сумера со сопругот имаа бурекџилница во мојата куќа. Таа беше добра жена, мајка на две малолетни девојчиња, многу ми е жал и за неа но посебно за децата, рече соседка.
– Игбала беше вредна жена и добра домаќинка, напатена бидејќи чуваше син, лице со инвалидитет. Страшна трагедија, не ја заслужија бидејќи беа добри луѓе, домаќини, вредни и работливи, рече соседка.
– Одам на погреб, сакам да го изразам моето сочувство за нивната огромна загуба, не е лесно, Бог никому да не даде ваква трагедија, рече сосед.
Игбала и нејзиниот сопруг биле староседелци во Горно Оризари. Имале неколку синови и една ќерка, Сумера која се омажила во Штип но од лани со семејството дошле да живеат во Горно Оризари и отвориле пекара. /Б.Н
