Директорот осомничен за кражбата на монетите во Народниот музеј
Објавено: 10 септември, 2013, во 13:21 часот
Полицијата ја расветли кражбата во Народниот музеј во Велес и го осомничи Петре Костов за исчезнатите две сребрени монети Тетрадрахма од времето на Александар Македонски. Истрагата завршила и во неа клучен доказ се отисоците од прстите кои инспекторите ги открија на сефот во кој се чувале монетите пред да изчезнат. Тие одговарале со отисоците на директорот а сефот не бил обиен туку отклучен со оригиналниот клуч, соопштија денеска од полицијата. Затоа Костов бил повикан на разговор, го признал делото и ги вратил артефактите.
– Пријавениот го призна делото. Ги врати двете сребрени монети кои потоа беа предадени на овластено лице од Народниот музеј. Станува збор за вработената која што го пријави случајот во полиција. СВР Велес подготви документација и ја испрати до јавното обвинителство кое сега треба да постапува, рече портпаролот Анита Стојковска.
Костов е осомничен за кривичните дела, кражба и за злоупотреба на службена положба. Кражбата се случи пред два месеци . Тогаш исчезнаа двете сребрени монети Тетрадрахма со ликот на Александар Македонски но не од витрините на музејската постановка туку од соседната зграда во која се наоѓаат службени простории на вработените. Поточно артефактите ги снема од сеф во канцеларијата на историчарот на уметност.

За расветлената кражба во локалната културна институција, под надлежност на општината, денеска градоначалникот Славчо Чадиев рече дека слушнал од новинарите.
– Ке се обратам до полицијата веднаш и денеска или утре ќе дадам изјава. Но од старт повикувам органите да си ја завршат работата а градоначалникот ќе постапи согласно законот, рече Чадиев.
Кога се случи кражбата Костов не сакаше да говори за вредноста на артефактите велејќи дека тоа е во интерес на истрагата. Сега полицијата проценила дека нивната вредност е околу двесте евра, но бидејќи се работи за културно наследство познавачите велат дека значењето не се мери во пари. /Б.Н
