Отпуштените работници од Дрекслермаер ке ги тужат менаџерите
Објавено: 20 мај, 2014, во 14:29 часот
Без правна основа ни се доделени отказните решенија. Ова го тврдат дел од вработените во кавадаречки Дрекселмаер, кои се избркани од работа поради штрајкот минатата недела. Се жалат дека постојано работеле под притисок и закани од менаџерите иако ја исполнувале нормата. Револтирани од ваквиот однос тие се подготвени да ја тужат фирмата.

„Постојано бевме под притисок. Нормата ја исполнувавме, а те притиска за уште повеќе да работиш, значи страшно, психолошки неиздржливо беше,“ рече Коче Зафиров.
„Мене ме изнесе обезбедувањето, ми викна такси за да ме однесе дома. Според ниеден закон обезбедувањето не може да се шета внатре со пендраци, палки. Апелирам до премиерот Груевски и до надлежните институции овој проблем да го решат, оти воа вака не оди. Јас лично ќе ја тужам фабриката,“ рече Деан Симонов.
Освен бесплатна правна заштита и стручна помош во врска со отказните решенија, синдикатот не може поинаку да им помогне на овие луѓе. Претседателот на синдикатот за индустрија, енергетика и рударство Пеце Ристески вели дека деновиве очекува средба со менаџерскиот тим на Дрекселмаер.

„Значи ние направивме напори, делевме флаери меѓу работниците да се зачленат во синдикатот, но до денеска не добивме повратно ниту една пристапница. Ние ќе им помогнеме во делот на бесплатна правна заштита, но не можеме ништо друго да направиме се додека не ја слушнеме и другата страна. Овие шпекулации во врска со односот на менаџерскиот тим ќе го потврдиме дури тогаш,“ рече Ристески.
Спротивно на тврдењата на работниците пак, во сопштението што го испрати до јавноста, менаџесркиот тим на Дрекселмаер тврди дека вработените редовно ја земаат платата, која освен што била над законската минимална плата, била надополнета и со бонуси за работа во смени, остварени цели и исплата за прекувремена работа.

Но, револтот на работниците во кавадаречки Дрекслермаер ескалираше по велигденските празници. Тогаш наместо во погоните тие излегоа во дворот. Работниците протестираа бидејки менаџерите им ветиле празнични дневници од 1.500 до 2.500 денари и ваучери. Наместо ветените пари им поделија отказни решенија./Д.С
