ОК ВМРО ДПМНЕ Велес започна со собирање на потписи за поништување на Законот за попис
20.02.2021
На штандови што се поставени на платото пред велешки театар опозициската партија од денеска започна да ги собира потписите со кој во Собранието на Република Македонија ќе бара поништување на веќе донесениот Закон за попис. Според пратеникот Игор Здравковски, претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ Велес, законот е штетен и е производ на политички договор на власта.
-Сметаме дека тој закон е штетен пред се за граѓаните на Република Македонија а понатаму дека наместо статистичка операција прерасна во една политичка операција односно во политички договор кој што со себе носи штетни понуди и штетни решенија и нема да се претстави реалната слика која што би требало да ја даде овој попис. Резултатите од пописот, секогаш, во секоја нормална држава, треба да се однесуваат на она како ќе се развива понатаму државата, да дадат еден реален преглед и реална слика што понатаму и како ќе одат инвестициите во државата и планирањето на развојот. Меѓутоа ова не е тоа што треба да биде во согласност со препораките на Обединетите Нации и во согласност со препораките на Евростарт. Пластично сакам да ви објаснам може да се случи со вака предложениот закон , односно со вака веќе изгласаниот закон што напоменавме дека е штетен, може да се случи некој од граѓаните да даде податоци за повеќемина кои што не се присутни во државата.Како понатаму како Општина или како држава да планираме развој на одредено место каде што практично и не живеат жители наместо да дојде онаму развојот каде што најмногу треба, рече Здравковски.
Пратеникот направи споредба со лицитирањето на процентот на албанската етничка заедница, преку првично соопштените 20 % од страна на пратеникот Арбор Адеми или 25 % од страна на лидерот на ДУИ Али Ахемти.
-На крајот како и да испадне доколку не е во согласност со барањето коалициониот партнер на СДСМ сметаме дека тој попис ќе биде неважечки, односно се додека не ја усогласат онаа бројка или оној процент кој што им е замислен во главата се до тогаш ова ќе биде политика. Како и да испадне овој процент поради тоа што немаме метеологија сметаме дека уште од старт целиот овој процес на попис е осуден на пропаст, додаде Здравковски.
Тој појасни дека потписи ќе се собираат на најфрекфертни места и термини, ќе трае три, четири или пет дена, во зависност од барањата на граѓаните. Потоа ќе следува теренска посета низ градските маала бидејќи имале голема заинтересираност од страна на граѓаните, свесни дека се што се случува во Република Македонија со оваа влада е на нивна штета. Здравковски додаде дека Велес би бил премногу оштетен како средина со многу поголем број на Македонци за разлика од останатите етнички заедници.
Стефани Манева
