Модуларната болница во Велес може да прима пациенти веќе од понеделник, за две до три недели стигнува и новата современа апаратура
20.02.2021
Четириесет и седум болнички кревети, распоредени во едно и повеќе креветни соби, тоалети и бањи, работни простории и нова опрема ќе има Модуларната болница во ЈЗУ Општа болница Велес. Објектот е на површина од 700 м2. За две до три недели таа ќе добие и нови медицински апарати иако ќе може да прима ковид пациенти веќе во наредните денови.
– Најсовремен дигитален Ренген апарат, тоа значи дека на самиот прием се прави слика и резултатот во дигитална форма веднаш се добива што е модерна опрема што се користи во сите современи Ургентни центри. Потоа апарат за Ехо дијагностика со сите потребни сонди за испитување на сите органи, за кој што е потребна брза дијагностика за заокружување на процесот не само во велешката туку во сите болници, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Модуларната болница е направена по систем што овозможува планирање според шема на чист дел и дел во кој се лекуваат пациенти од ковид. Објектот исто така располага со работни соби за персоналот, сала за состаноци, простор за лабораторија и други потреби.
Овој нов објект во дворот на велешка болница е многу блиску до Инфективното одделение но засега нема топла врска. Перспективно сите можности за да ја добие се отворени, додаде Филипче, но откако постоечкото Инфективно одделение ќе биде реновирано. Тоа е најголем приоритет на велешка болница.
-Тоа што сигурно ќе следи тука во Велес е реконструкција на постоечкото Инфективно одделение а бидејќи има дополнителни болнички капацитети може да се разговара за распоред, додаде Филипче.
Ковид болницата ќе се користи во услови на пандемија за потоа да биде пренаменета за потребите од лекување и на останатите медицински гранки.
Министерот, исто така, најави дека ќе има промена во постоечката Одлука со која здравствените работници во услови на пандемија не можеа да користат слободни денови или годишен одмор. За нив многу скоро ќе биде изготвена нова Одлука што ќе им овозможи да ги користат двете права од Законот за работни односи.
Според директорот на Општа болница Велес, д-р Божидар Бојаџиев, болницата со новопримениот средностручен и високостручен медицински кадар, сега функционира подобро во споредба со периодот пролет, во минатата година, кога беше прогласена пандемијата на Ковид-19. Набавена е и нова медицинска опрема што е ставена во функција на давање на квалитетна здравствена услуга скоро на целата територија на вардарски регион.
Убавка Јаневска
