Данов: За бугарското „oслободување“ на Македонија во Втората световна војна
28.02.2021
Ме поттикнаа актуелните политички случувања да ги разлистам сопствените белешки кои ме потсетија на записи што ги напишале и зад себе оставиле македонски историчари, истражувачи и особено Македонците кои сведочат за настани што се случиле на тлото на македонската држава за време и по завршување на Втора светска војна.
Така повторно ги прелстав спомените на Боро Чушкар во кои еден дел е насловен како „Сеќавања“ за „бугарското парадирање во Скопје“.
„Парадата“, пак, за 15 ноември ја подготвувале раководителите на бугарската дивизија, генерал Стојчев и политичкиот комесар, извесен Виктор. На неа, вечерта на 14 ноември, и претходел разговор меѓу Боро Чушкар и Петар Брајовиќ-Ѓуро, во името на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, и двајцата бугарски офицери.
Притоа, станало збор за повеќе барања на бугарските војници-средства за греење, да можат да излегуваат од касарната и да шетаат низ градот и како последно, нивната војска утредента (15 ноември н.з.) организирано да излезе на главната улица на Скопје и да ги забавува граѓаните со нивната парадна смотра.
Петар Брајовиќ, меѓу другото, возвратил: „…Оние кои го ослободиле Скопје, направија скромна парада низ градот. А на вас ние тоа не ви го дозволуваме, бидејќи нема никаква причина за парада поради парада“.
Меѓутоа, бугарските офицери не се придржувале кон договорот. Рано утрото на 15 ноември во штабот на Корпусот (16-ти н.з.) пцуејќи и викајќи влетал Цветко Узуновски-Абас и ги подбрал Брајовиќ и Чушкар. „Ништо не сте вие…Ене погледнете кај железничката станица, цел полк или два, бугарски војници се подготвиле за парада…Како год знаете, веднаш тоа да го спречите милом или со сила…Никој овде во Македонија не може на своја рака да врши парадирање…“.
Следела реакцијата и еве го интегрално сеќавањето на Чушкар, што го презентирал пред двајцата историчари:
„Стигнавме кај Железничката станица во последна минута. Бугарските осмореди само што не беа тргнати по главната улица на параден марш. Рипнавме од коњот и Ѓуро и јас. Му пријдовме на најстариот по чин офицер. Беше тоа командант на дивизијата, а по чин беше – генерал мајор. Сув, слабичок и некако жолт, како лимон.
Отидов и го прашав: „Знаеш ли дека ова не е царска Бугарија? Знаеш ли ти, генерале, дека се наоѓаш во Југославија? Знаеш ли ти дека војуваме против вас четири години? Мајката ваша фашистичка! Знаеш ли ти, ѓубре едно бугарско, ако направите уште еден единствен чекор кон градот, дека ќе наредам да се пука кон вас од сите оружја и орудија што ги има во градот!?
Се влечете како лешинари по нас и јавувате по радио како ја „ослободувате Македонија”!? Каде вие испаливте куршум за ослободување на Велес и Скопје? Што ви дава за право така гадно и подло да се лажете себеси и светската јавност!? Сместа во овој момент ќе и наредите на војската да се сврти на лево круг и сите да се вратите во касарните од каде и дојдовте. Дали разбравте, генерале? Со нас шали ќе нема!“, му реков нему, а кога завршив, видов дека сè уште го држам за градите како детска играчка.
Тој цело време трепереше како штиглица. На крајот, сепак, отсечно рече „Јасно другар. Но јас не сум виновен. Таква наредба добив“.
Тогаш јас повторно викнав „Арам на оние што ти дале наредба за ова. Наредби они можат да дадат за изведување вежби во касарните каде ве примивме како гости, а не да ми се маате и парадирате по градот. За тоа само ние можеме да дадеме одобрување, а не твојата влада од Софија. Дали сега ти е јасно?“, го прашав.
„Сичко ми е јасно“, рече тој. Тогаш тој престрашен генерал со сув глас нареди круг на лево, и се вратија“, стои во сеќавањето на Чушкар.
Ете така не успеала бугарската „втора парада„ за „второто ослободување“ на Скопје во текот на Втората светска војна.
На ова да го додадеме и ,,ослободувањето“ на Велес од страна на ,,новата“ бугарска војска, чин кој долго време ги засмејувал велешани додека се мајтапеле со лагите што пробале да ги шират ,, наводните ослободители“.
Имено, Велес бил веќе ослободен на 9 Ноември 1944 годна. По ден-два пред Штип била запрена бугарска воена единица која ,,брзала“ кон Велес да го ослободи! Дури кај себе имале однапред отпечатени весници во кои пишувало дека ,,бугарски единици го ослободиле градот Велес“.Освен што биле вратени назад, на овие ,,ослободители“ им бил конфискуван и целокупниот печатен материјал.
Заедничка историја, лажирање на фактите, интриги….!?!
Би бил среќен ако овој текст го прочитаат оние европјани кои одлучуваат за европската иднина на Македонија со цел да се запознаат со дел од историјата на нивните бугарски сојузници.
Македонија била сојузник и се борела на страна на антифашистичките сили во Втората световна војна. За тоа има факти, историски документи, фотографии, филмски материјал и многубројни пишувања, искажувања и сведоштва на учесниците во таа борба.
А Бугарија? Што таа може да приложи за својата антифашистичка борба? Или тој дел од историјата е забранет за изучување во нивниот образовен систем? Жално е да се бара од Македонците да ги изостават овие моменти од нивната историја. Не само жалосно, ами и тажно.
И за Тито и времето на СФРЈ, подобро бугарите да не се фаќаат за овие теми бидејќи тие ниту знаат, ниту доживеале такви години, кога Македонија напредуваше и Македонците среќно живееја во заедничката држава Југославија.
Вашиот хроничар
Љупчо Данов