Граѓаните кои имаат македонски корени а живеат во соседна Србија имаат право на македонски пасош, смета Премиерот Заев
03.04.2021
Северна Република Македонија нема проблеми со двојните државјанства и верувам доколку станува збор за граѓани кои живеат во соседна Србија а се Македонци, како што во моментов Владата решава барања, треба да се изнајде начин. Овој одговор го даде Претседателот на Владата Зоран Заев на новинарското прашање ќе се решат ли барањата за добивање на македонско државјанство за граѓани кои тоа го бараат додека живеат во соседна Република Србија.
-Постојат два методи за стекнување со Македонско државјанство. Првиот е според местото на раѓање преку Матична служба и вториот со природување поточно со мажење, со женење и слично. Тие имаат право да се стекнат со македонско државјанство. Верувам дека со решението што ќе го пронајдеме со опозициските партии Алијанса на албанците и со Алтернатива како и со ресорните Министри на Владата ќе имаме решение и за тие граѓани. Ние сакаме да имаат и македонски пасош иако имаат српско државјанство, или се граѓани на други соседни земји, поради тоа што ќе ни претставува чест. Секако штом сакаат да добијат македонско државјанство тие се Македонци, поточно наши граѓани, кои поради тоа што во периодот по државата Југославија формиравме посебни држави и тие останаа само со еден пасош. Тие имаат корени овде, некои се родени,други се мажени или женети, како кај нас така и во Србија и имаат законско право да имаат Македонски пасош, рече Заев.
Убавка Јаневска