Бочварски: Санацијата на мостот кај велешко Башино Село нема да се реализира годинава
14.04.2021
Санација, рехабилитацијата или изградба на нов мост кај Башино Село како проект што ќе го финансира државата нема да се реализира годинава. Сеуште не е комплетирана техничката документација за да можат да се реализираат постапките како што се издавање на Одобрение за градба или за реконструкција како и тендерите за изведба.
Овој одговор го даде Министерот Благоја Бочварски денеска во Велес одговарајќи на новинарско прашање на Дума.мк до каде е постапката со овој значаен за велешани дел од патот што се користи како фрекфентен влез во градот.
-Разговаравме и со Градоначалникот Коцевски за техничката документација што ја доставил до Јавното претпријатие за државни патишта. Таа е во постапка на разгледување. Доколку има потреба од допроектирање или изработка на нов проект тоа ќе го изработи Јавното претпријатие за државни патишта за потоа да може да се влезе во санацијата и реконструкцијата на мостот, додаде Бочварски.
Министерот денеска беше категоричен во одговорот дека изведбите на мостот не ќе можат да се реализираат оваа туку ќе се планираат за наредната, 2022 година.
Инаку Бочварски пред неполни шест месеци, при завршувањето на санацијата на свлечиштето на ридот „Цуцка“, поточно лани, на 22 октомври, го вброи санирањето и рехабилитацијата на мостот кај Башино Село во приоритетите со кои државата ќе му помогне на Велес.
Тогаш башиноселскиот мост беше врвен приоритет во Велес аедно со изградбата на водовододот за населените места Раштани и Бузалково.
Убавка Јаневска