Нема докази дека пребеганата советничка во ВМРО ДПМНЕ била под закани од нејзините поранешни сопартијци од НП!
Нема докази дека двајцата партиски функционери од ВМРО – Народна Партија и се заканувале по живот на нивната поранешна сопартијка, Рајна Стојанова – пишува во ослободителната пресуда на велешкиот суд. Со пресудата координаторот на НП во третата изборна единица Слободан Близнаковски и претседателот на велешкиот огранок Зоран Арсовски се ослободуваат од обвинение за заканите по живот за кои ги обвини советничката која иако беше на листата на коалицијата на СДСМ, веднаш по локалните избори премина во владеачката ВМРО ДПМНЕ.
Денеска Стојановска побара да не ја вознемируваме додека е на седница на општинскиот совет со објаснување дека за сега нема коментар на пресудата. Слична изјава даде и пред девет месеци кога исто така не сакаше да го коментира инцидентот.
„Апелирам сите политички чинители максимално да го испочитуваат моето демократско загарантирано право на изразување и делување кое е загарантирано со уставот на нашата држава. Со понатамошниот тек на работите ќе ги добивате сите информации, а се ќе се одвива во рамки на институциите“, рече Рајна Стојановска.
Инаку Стојановска во процесот бараше извинување од поранешните сопартијци, обвинувајќи дека Арсовски кај неа дома, а Близнаковски на партиски состанок и се заканувал поради нејзината преминувањето во владеачките редови. Извинување не доби, а и ниту еден од сведоците кои биле на состанокот не слушнале заканувачки зборови. И двајцата обвинети не сакаат да коментираат се додека не ја добијат пресудата која не е правосилна. Тогаш кривичната пријава која ја поднесе полицијата ја протолкуваа како политичко, полициски притисок.
„Ова што мене ми се случи го мислев дека го има во земји на Блискиот Исток или во Африка, но ете ни се случува и тука. Инаку очигледно е дека ова е масло на владеачката партија и полицијата, а некој сака да ме тргне од овој терен оти сум му трн во око“, рече Сободан Близнаковски.
Инаку пресудата сеуште не е правосилна бидејќи тече рокот за жалба. Во меѓувреме со гласот на Стојановска власта ја зацврсти својата позиција во велешкиот совет со 13 советници наспроти 10 – те опозициски./Б.Н.
