Нутриционистот м-р Антонио Велковски ги советуваше велешани како правилно да се хранат и кои се најчестите грешки коишто ги правиме со исхраната

Објавено на 3 април, 2025 во 13:47

Колку е важно здраво да се храниме, дали здравата храна влијае врз нашето здравје, дали треба да ги отргнеме мастите и јаглехидратите за да ослабнеме, беа само дел од поставените прашања на денешната промоција на книгата „Ајде да јадеме“ од нутриционистот Антонио Велковски во медијатеката на градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес. Заинтересираните присутни граѓани внимателно ги слушаа одговорите и советите од Велковски којшто е магистер по нутриционизам и наука за храна кој веќе пет години работи со клиенти, пишува книги, го води сајтот ajdedajademe.com и е предавач и едукатор за здрав начин на исхрана.

Преку интересна презентација Велковски ги објасни најчестите грешки коишто ги правиме во исхраната, даде пример за правилна комбинација на оброците, ги посочи термините на оброци во еден ден и додаде дополнителни препораки коишто може да се почитуваат.

-Како чести грешки во исхраната ги одвојувам неправилната комбинација на оброци, прескокнувањето на оброците, грицкање во текот на целиот ден. Правилниот оброк всушност треба да содржи сложени јаглехидрати за да има доволно диететски влакна, потоа протеини и масти за поголема ситост и за еден куп други функции во организмот. Морам да ги напоменам и макронутриентите кои се задолжени за создавање на ново ткиво и одржување на биохемискиот состав на организмот, за структурата на организмот со цел да може да извршува различни активности, објасни нутриционистот Велковски.

Според него најдобро е да се јаде во период од 12 часови во еден ден, да има пауза од 3 до 4 часови помеѓу оброците и да бидат распоредени од два до три оброци плус да се вклучи и ужина.

-Потребно ни е многу кратко време за да испланираме два или три оброци и плус ужина но не смееме да заборавиме дека треба да распоредиме и овошје и зеленчук низ оброците. Исто така задолжително одредете извор на протеини, јаглехидрати и масти за секој оброк, додаде Велковски.

На присутните велешани нутриционистот како дополнителни препорака им посочи да пијат од 1.5 до 2 литри вода во чија пресметка влегува и водата што ја содржи овошјето и салатите како и напитоците како кафе, какао, вода со лимон или чај. Потоа напомена дека секој ден најдобро е да се почнува со една чаша вода.

-Не пазете на калориите секојдневно, бидете флексибилни, не значи дека треба строго ограничување при исхраната – сите денови се различни, нема полоши и подобри, успехот е во балансот, без чувство на вина дека внесувате некоја храна. Јадете кога сте гладни, кога не ви се јаде, едноставно нема потреба од храна, советуваше нутриционистот Велковски.

Во медијатеката на велешката библиотека беа присутни и учениците од ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ кои се дел од секторот готвачи и кои подготвија бомбици и здрави овошни салати за сите присутни.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.