(ФОТО) „Ронтис“ ги однесе на шопинг во „Џамбо“ најмладите играорци на КУД „Керамичар“

Објавено на 1 февруари, 2014 во 18:01

Седумгодишната Бојана и деветгодишната Христина Стојановски се две сестри кои денеска во „Џамбо“ избраа вкупно осум играчки. Маска со зајче, барбики, сирени, облека за кукли и уште неколку други играчки беа купени после тежок избор бидејки во продавницата имаше илјадници различни играчки од кој застануваше здивот.

– Мене ми беше многу убаво но и тешко за која играчка да се одлучам, рече Бојана.

– Ми се допаднаа многу маски но и кукли. Моите играчки се најубави. Бојана сакаше прва да ги избере своите играчки и јас и дозволив а потоа и реков сега сум јас на ред и така ги избравме најубавите, рече Христина.

Дваесет и четирите играорци од најмладата група на КУД „Керамичар“ беа исправени пред тешка задача. Потешка од онаа кога ги играат убавите македонски ора. Тие од менаџерите на фирмата „Ронтис“ добија задача да си одберат најубави играчки од сите наредени на рафтовите и гондолите во „Џамбо“. На неодлучните им помагаа тетките директорки и раководителки на сектори во велешката фирма. Прво сите шетаа а потоа заедно ги полнеа количките. Имаше детски двобој и околу тоа кој може а кој не да ги вози количките со подароци низ продавницата. Но, лесно се постигнуваше компромис.

– Јас си избрав труба, скирол и гуштер. Најубави се трубата и скиролот, рече Даниел Ачков.

– Овде е многу убаво. Јас си избрав авомобил со далечинско управување, батерии и топка , рече Ѓоре Јаневски.

– Јас си одбрав штит и сабја.Најубавиот подарок за мене е тоа што овие тетки и чичковци ме донесоа тука и навистина си поминав многу убаво, рече Баже Грумбаров.

– За мене избрав фискална каса и мендо за брат ми. Нема поубав затоа што и двата подароци се прекрасни.Секогаш ќе помнам  дека убаво си поминав кога првпат дојдов во „Џамбо“, рече Викторија Буковска.

– Јас одбрав едно големо и едно мало мече, рече Валерија Силева.

И кога се наполнија до врв количките сите заедно отидоа на една од касите во трговскиот центар.  Тетка Бојана Димовска плати, тетките продавачки ги спакуваа играчките во кесиња а децата ги одвлечкаа до првиот ресторан за брза храна. Таму сите седнаа да починат и секако заедно да ручаат.

– Да се заблагодарам на домакините, фирмата „Ронтис“ за преубавиот ден кој заедно го минавме на место кое исто така е најобожувано од децата. Ова е почеток на нашата соработка. Секогаш кога ќе посакаат овие играорци ќе бидат гости на нивните свечености и ќе им ги разубавуваат со македонските ора и песни, рече Борис Петрушевски член на Управниот одбор на КУД „Керамичар“.

Инаку најмладите играорци денешните подароци ги заслужија со настапот кој го имаа на годишнината на фирмата за медицински помагала „Ронтис“. Тогаш ги воодушевија сите присутни па дури и главните менаџери и сопственици од Грција. Затоа тие одлучија да им организираат шопинг во „Џамбо“ во знак на благодарност за одлично изведените кореографии и изведби на македонскиот фолклор.

– Се се случи спонтано. Прво тие нас не развеселија и не направија среќни на нашата прослава па ние посакавме да им возвратиме со тоа што ќе им купиме подароци по нивни избор без да бидат ограничени на цената. Претпоставивме дека најмногу ќе ги израдува посетата на „Џамбо“ и мислам дека успеавме во тоа, рече директорката Бојана Димовска.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.