Второстепената владина комисија се одважи – им одговори на Крстеви!
Предметот се враќа на повторно разгледување пред Комисијата за инвалидска пензија. Вака му одговори второстепената владина комисија на велешанецот Јосе Крстев кој лани на 6 октомври поднесе жалба и се жалеше на укинатата пензија од страна на комисијата во Скопје. Одговорот на Крстеви им стигна два месеца откако истече законскиот рок. Наместо лани, на 6 декември писмото во нивниот дом стигна пред два дена.
– Ќе преминеме и преку тоа само да успееме да докажеме дека ние сме во право а не комисијата. Овој одговор на второстепената владина комисија ни дава голема надеж. Секако дека лекарите се тие кои треба да одлучат. Овој пат се надевам дека ќе ја разгледаат комплетната документација и молам да ни дозволат да ги поднесеме сите медицински потврди, особено снимките од главата на Јосе. Очекувам дека темелно ќе го прегледаат и дека ќе бидат правични, рече Драгица.
Таа е сопруга на педесет и седум годишниот Јосе Крстев опериран од канцер. Тој преживеал и неколку мозочни удари а сега боледува и од склероза. Нему, пред две години, комисијата му даде инвалидска пензија но се предомисли лани,во септември и му ја укина.
По три децении работа во велешки „Киро Ќучук“ овој работник остана без работа и се разболе. Пропадна и фирмата во која Јосе работеше. Дома седи и неговата сопруга Драгица затоа што го изгуби работното место кога се укина судот на здружен труд. Сега таа се грижи и го негува Јосе само со парите од негата која им ја додели министерството за труд и социјална политика. Четири илјади денари не стигнуваат само за лекови и доктори, рече Драгица, која нема од каде да ги подмири трошоците за комуналии и да ја плати ќиријата за станот во кои живеат со сопругот. Нивниот живот уште потежок го направи загубата на синот кој почина во несреќа што летово се случи на бродоградилиште во Црна Гора.
– Ако не успееме да докажеме дека сме во право и Јосе не добие пензија за нас тоа ќе биде крај. Немаме друг избор, рече Драгица додека од очите и капеа солзи. /Б.Н
