Велес е домаќин на Регионален натпревар на „Плазма спортски младински игри“ – три велешки екипи обезбедија учество на државниот натпревар (видео и фото)
Објавено: 8 јуни, 2026, во 12:03 часот
Велес со своите спортски терени, денеска, домаќин е на помеѓу 400 и 500 ученици со нивните професори по физичко образование од основните училишта Регионален натпревар на „Плазма спортски младински игри“. Во Градски парк на ракометно игралиште се натпреваруваат екипите во дисциплина фуцал, во Спортска сала „Гемиџии“ спортска битка бијат екипи во дисциплина ракомет и пинг понг, во спортска сала на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ се натпреваруваат екипите во одбојка и во ССОУ „Димитрија Чуповски“ се игра шах.

Според првичните информации на главниот координатор на ова регионално натпреварување – Иле Попов, екипа на ООУ„Блаже Конески“ во играта „Народна топка“ како и екипите во одбојка на песок, девојчињата и момчињата, на ООУ„Св. Кирил и Методиј“ се пласирани за Државниот натпревар на „Плазма спортски младински игри“. Тоа да го сторат имаат шанси уште неколку екипи на основни велешки училишта, вели Попов во разговорот за Дума.мк.
Конечните резултати од Регионалниот натпревар ќе бидат објавени најдоцна во текот на утрешниот ден.

Директен пласман на државниот натпревар на „Плазма спортски младински игри“ од зонскиот натпревар веќе обезбедија ученикот Ѓорѓи Ѓоргиевски на ООУ „Св.Кирил и Методиј“ кој го освои првото место во атлетика – трчање на 60 метри во конкуренција на момчиња и Марија Кирова ученичка на ООУ„Блаже Конески“ како победничка во трката на 60 метри во конкуренција на девојчиња. Директни учесници од Свети Николе се и атлетичарката Ена Радев, ученичка на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – трчање на 60 метри во конкуренција 2017 и ученикот Дамјан Петрушевски на ООУ „Панко Брашнаров“ во конкуренција 2015 момчиња.
Победниците на државниот натпревар, за кој што денеска ќе се знае во кој денови на месец јули ќе се одржи и каде, ќе ја претставуваат Македонија, во месец август, во Сплит во Хрватска на Меѓународниот натпревар на кој ќе учествуваат и најдобрите ученици од Србија, Босна и Херцеговина, Словенија и на домаќинот, Хрватска.
Д.И


