Велес меѓу првите три градови во државата со најголем број питачи, деца на градските улици
Организирана група, долги години, незаконски злоупотребува, најчесто деца кои ги носи од град во град во државата за да просат. Питачите имаат работно време кое започнува претпладне во 10 часот и завршува во раните утрински часови ,наредниот ден и тоа најчесто во 2 часот. Децата започнуваат да просат на велешките, потоа продолжуваат на скопските,на струмичките или други улици во градови низ државата. Парите што децата ќе ги добијат од граѓаните им ги земаат организатори, мафија и макроа, покажуваат податоците од теренското истражување на граѓанското здружение „Градиме иднина“ од Скопје кое работи на запирање на питачењето и злоупотребата на децата како и на грижа за нивното здравје.
-Ги известивме сите државни институции и остваривме средби со сите, засегнати за решавање на овој проблем, министерства и министри. Добивме ветување од МВР и министерот Оливер Спасовски дека ќе не поддржат со тоа што ќе се вклучат во акцијата и ќе превземат поригорозни мерки кон познати сторители кои ги злоупотребуваат децата како и кон биолошките родители на злоупотребените деца со кривични санкции. Затоа апелирам кон граѓаните на Велес да престанат да им даваат пари и да ги сожалуваат затоа што едно дете од питање, во еден ден, собира помеѓу 3.000 и 5.000 денари кои не завршуваат кај нив туку кај тие што ги злоупотребуваат. И да додадам, ако ја пресметате заработувачката во 30 дена, тоа значи дека едно дете собира од 90.000 до 150.000 денари. Но, парите ги зимаат организаторите, мафијата или макроата, рече претседателот на ЗГ„Градиме иднина“ Илија Јовановиќ.
И родителите на овие деца се вмешани со злоупотребувачите затоа што ги тепаат и приморуваат децата да питачат. Од „Градиме иднина“ тврдат дека пред неколку години била организирана акција од Центар за социјални работи и СВР Велес за откривање и санкционирање на злоупотребувачите на децата но дека не ги дала очекуваните резултати.
-Постои протокол, процес, како акциите треба да бидат организирани за да бидат успешни во Велес и на територијата на целата држава. Ќе повторам дека парите од питачењето завршуваат кај шефовите и мафијата и со нив се набавува дрога. Тоа треба да го истражи МВР. Министерството и сите институции ги известивме од каде се набавуваат наркотичните средства како и дека секојдневно 50 деца се дрогирани и успивани со марихуана и хероин а потоа пуштени да питачат, додаде Јовановиќ.
Теренските истражувања на „Градиме иднина“, исто така, покажале дека дел од набавените количини на наркотични средства на оваа организирана мафија завршиле кај 1500 средношколци во државата. Затоа упатија апел и до родителите на оваа категорија млади да обрнат поголемо внимание на своите деца.
Еден показател од резултатите на истражувањето, кој се однесува на Велес каде питаат од 15 до 30 питачи, организирани во три групи, ја покажа и граѓанската небезбедност поточно граѓаните потврдиле дека биле жртви на напади доколку не им дадат пари. Во Скопје пак регистрирани се скокања на питачи од тротоар пред автомобили, најчесто на крстосници, за што нивните шефови успевале во соработка со адвокати да наплатат а потоа и да им ја земат оштетата на повредените питачи.
Убавка Јаневска