Велес одвојува 450.000 денари од буџетот на општината за настраданите во земјотресите во Турција и Сирија
И градот Велес се приклучи кон низата општини кои одвоија дел од нивниот буџет за да помогнат на настрадите во земјотресите во Турција и Сирија.
Општина Велес, вчера на вонредна седница на Советот едногласно донесе одлука за помош за погодените држави. Општина Велес од буџетот издвојува 450.000 денари за оваа намена.
„На вонредна седница на Советот на Општина Велес едногласно е изгласана одлука за помош на погодените држави. Од буџетот на Општината ќе бидат донирани 450.000 денари за Република Турција и Република Сирија, како скромен придонес во санирање на последиците од елементарна непогода“, информираше првиот човек на градот, Марко Колев преку социјалната мрежа „Фејсбук“.
Да застанеме во солидарност, не кон одредена земја, раса или религија, туку кон човештвото, потенцираше Колев.
Инаку, Владата за помош на настраданите земји од Буџетот одвои 6 милиони денари, а исто толку и Советот на Град Скопје. Низа општини низ Македонија ја следеа препораката на ЗЕЛС, да одвојат дел од својот буџет и финансиски да помогнат за настраданите во катастрофалните земјотреси.
Дума.мк