Велешката улица на борци, занаетчии и бавчаванџии

Објавено на 30 јуни, 2018 во 12:47

Prva naslovna

Во сегашната улица „Вера Циривири“, која се наоѓа на левата страна на Велес, живееле најпознатите велешки бавчаванџии, занаетчии и револуционери. За време на Прво и Второ бугарско владеење, оваа улица се викала „Царица Јеона“, а за време на владеењето на Стара Југославија –СХС, го носела името „Кралица Марија“. Улицата „Вера Циривири“ почнува од крстосницата на улицата „Димитар Влахов“, кај „Варналиите“, а по старо, завршувала пред мостот на Потокот.

ulica Vera Ciriviri fin

Првата куќа од левата страна на улицата била на Благој и Бота Џајкови. Бота била внука на познатиот Гемиџија, Ордан Поп Орданов и неговиот брат, борец за слобода на Македонија, Миле Поп Орданов, на кого народот му ја посветил песната „Бог да го прости Миле Поп Орданов“. Благој и Бота живееле со двајцата синови Алексо и Ане. До нив била куќата на Владо и Пала Џајкови со синот Тоше, а имале и ќерка, потоа таму живеел Панче Есмерот со синот Илија и ќерката Пандорка. До Есмерови била куќата на Анисија Зарзева со синот , а до нив живееле Асен и Слоботка Кртеви со синот Никола, адвокат и ќерката Лилјана. Веднаш до Кртеви била куќата на Турчинот Сури, а до него живееле Јованче и Ратка Зарзеви. Ратка е позната по одглумената улога на бабицата во македонскиот филм „Мис Стон“. Веднаш до нив, како деленици, живееле Киро и Цвета Зарзеви со синот Орданче и ќерката Марионка, а до нив се наоѓа една од најпознатите куќи со старата велашка архитектура на Аликарови. Најнапред оваа куќа била на трговското семејство Боцеви во кое се омажила убавата велешка мома Елена Кртева на која народниот пеач и ја посветил песната „Елено ќерко Елено“. Елена била сестра на Асен Кртев. Подоцна куќата ја купиле бавчаванџиите Аликарови, од Башино Село кои му ја препродале на Пано Апасиев со синовите Јованче и Диме и ќерката Васа.

kukata na Alkarov fin

Куќата на Алкарови

Од другата страна на улицата „Петар Михов“, спротив куќата на Аликарови, се наоѓала куќата на Диме и Донка Трипчеви со синовите Ангел и Пенчо како и ќерките Веса и Марионка. Синот Ангел, кој останал да живее во куќата, со сопругата Благојка се родители на синовите Пенчо и Диме и на ќерката Македонка.До нив живеел Ордан Лапев со ќерките Ката и Веса. Ката се омажила во семејството Зографски, а Веса во семејството Чичевалиеви. До нив се наоѓал домот на Никола Лазарев со синот Панче, потоа на бавчаванџиите Гигови, чиј деца се Трајче и Пенка, а до нив се наоѓале куќите на познатите велешки бавчиванџии Аџи Арсови поточно на браќата Александар со синовите Панче и Петре и на Велко.

Spomen ploca Bane Andreev ronkata fin

Спомен плоча на родната куќа на Бане Андреев – Ронката

До Аџи Арсови живееле познатиот лозар и производител на вино и ракија Ало Р’тката со сопругата Анче и трите ќерки. До нив живеел и бавчаванџијата Петре Чолак,кој подоцна куќата му ја продал на војничанецот Благој Јаковлев со синовите Стево и Љупче. Исто како и многу семејства од оваа улица и тој бил бавчаванџија. До Јаковлеви живееле терзијата Симсаров, со синовите близнаци, а веднаш до нив пак се наоѓа куќата на Ронкови, на познатиот борец и секретар на Комунистичката Партија на Македонија за време на бугарската окупација Бане Ронката. По ослободувањето Бане бил министер за правда во првата влада на Македонија, а во 1948 година, со настаните од Инфорбирото е сменет и е испратен на Голи Оток. Тој по неколку години се вратил и живеел во Белград каде што и починал.

После Ронкови се наоѓа куќата на бавчаванџиите Јованче Миров со синовите, потоа на бавчаванџијата Бранко Јолдашев со ќерката Марија, па на бавчаванџијата Бранко Караколев со синовите Светле, Диме, Марјан и Ѓоре.

Vera Ciriviri kon Potokot fin

Во продолжение кон Потокот биле куќите на пајтонџијата Ацо, па на бабицата Родна Ладева, на семејствата Малинови и Јавашеви,потоа на Ацо Гудов и на Турчинот кој бил занаетчија, сарач. Таму живеело и семејството на Петре Каргов. На крајот од маалото на стари велешки семејства се наоѓала куќата на Митко Амбарков и на Стојанче Коритаров.

Првата куќа од десната страна на сегашната улица „Вера Циривири“, спротив Џајкови, била на Лазо Кртот, до кого живеело семејството на славниот Илинденец, Александар Докурчев. Подоцна оваа куќа од нив ја купиле браќата Лазо и Живко. До нив живееле браќата Онче и Анче. На едниот од браќата фамилијата заминува за Бугарија додека другите се преселиле во Скопје. До нив се наоѓала турска куќа која подоцна ја купил некој имотен жител од Чолошево, а до неа живееле Киро и Грозда Гигови со синовите Никола, Тоше и Илија. Во редот наредна била куќата на Ангел Мазнев со децата Димо и Благој, па на познатиот уметник и велешки ѓегаџија Петре Читкуш со сопругата Веска кои ги имале ќерките Коца и Светла. До Читкушеви свој дом имале Стеван и Пандора Босотови со синовите Ганчо, Благој и Јован како и ќерката Јана.

Од спротивната страна на почетокот на сегашната улица „Петар Михов“ се наоѓа куќата на познатиот велешки терзија Јован со сопругата Магда и со децата Стево и Аница Босотови, до кого живееле двајца браќа Голистојанови, сопственици на кожара. Сопругата на еден од нив се викала Руска додека на ќерката Милка. Куќата подоцна ја купил адвокатот Ордан Танев кој му ја продал на Ане Мијалков, денешен сопственик на млекарата „Милком“.
До нив свој дом имало семејството Анкуртеви чии деца се Ордан и Софијана до кого живеело познатото семејство Хаџи Панзови.

Kukata na Hagji Panzovi fin

Куќата на Јован и Павлина Хаџи Панзови, која била учителка уште завреме на турскиот период, била место во која се собирале напредните младинци, потоа млади поети кој биле другари со синот и шпанскиот борец Ганчо. Покрај Ганчо, Јован и Павлина, биле родители и на синот Благој и ќерката Родна. Во куќата на Хаџи Панзови често доаѓал Кочо Солев Рацин за да ги чита своите прво напишани песни пред Ганчо. Ганчо незадоволен од српскиот режим заминал за Франција од каде во 1936 година отишол во Шпанија и учествувал во граѓанската војна на страната на Републиканците. Тој загинал храбро. До денес не се знае неговиот гроб, но зад себе ја оставил поемата „Ќе се вратам“ во која пишува за својата Македонија и за својот Велес.Сестра му Родна заминала во Белград и била член во тогашното напредно движење. Таа загинала во организиран протест во кој била убиена од српските џандари. Братот на Ганчо со семејството емигрира во Бугарија. Неговата сопруга Љубица за време на Инфорбирото, заедно со уште четири други жени од Македонија, а единствена од Велес што е интегрирана на Голи Оток од каде се вратила во Велес, а потоа со семејството мигрирале во Бугарија. Славното семејство денес нема свои потомци во родниот Велес или во Македонија.

Ganco fin

Ганчо Хаџи Панзов

Од спротивната страна на куќата на Хаџипанзови живеело семејството на арабаџијата Димче Лајлушев со сопругата Деса синовите Иле и Петре како и ќерката чие име не успеавме да го дознавме. До нив свој дом имале Ацо и Драгица Шутеви со синот Диме и ќерките Злата и Рајна. До Шутеви живеел арабаџијата Ордан Мечалов, па семејството на Ацо Гуцев додека од спротивната страна на маалото што води кон Соколана свои домови имале Јован и Лена Графчеви со синовите Тодор, Илија и актерот Владимир, потоа Графчеви, кондураџијата Цицаров и касапите Амбаркови. Последната куќа во ова маало во кое живееле стари велешки семејства била на Коритарови, поточно на Стојанче Коритаров со ќерката Пала како и на Петре Каргов.

Kon Sokolaana fin

Инаку денес оваа улица продолжува и по течението на Потокот каде има изградено голем број на куќи на доселеници во последниве педесетина години.

Овие податоците за старите велешки семејства во маалото или на сегашната улица „Вера Циривири“ се собрани со помош на адвокатот Пенчо Трипчев.

Стоилко Андреевски

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.