„Велешанецот“ Жак Шлеф именуван од македонскиот Амбасадор Николов за почесен конзул во македонскиот Конзулат во Стразбур

Објавено: 26 ноември, 2025, во 14:25 часот

Македонскиот Амбасадор во Република Франција, Н.Е Игор Николов официјално го инаугурираше Почесниот конзулат во Стразбур со одбележување и официјално започнувањето на мандатот на македонскиот почесен конзул, Жак Шлеф. На свеченоста, Николов ја истакна симболичната и политичката важност на овој момент.

„Стразбур не е само престижен град. Тој е жив симбол на помирувањето, демократијата, човековите права и европското единство. Односите на нашите земји се темелат на заемна почит, доверба и заедничка амбиција: Европа која е посилна, поправедна и посолидарна.  Искрена заинтересираност на Жак Шлеф за нашата земја, неговата достапност, способноста да создава врски и да гради мостови природно доведоа до ова именување. Убедени сме дека тој ќе ја извршува својата мисија со страст и посветеност и дека ќе ја зајакне нашата присутност и билатералните односи во регионот,“ рече Амбасадорот Николов.

Фото: Амбасадорот Игор Николов и почесниот македонски конзул во Стразбур, Жак Шлеф

На овој начин македонскиот Амбасадор во Франција му оддаде почест на еден Алзашанец кој во Македонија, поточно во Велес, дојде во 2009 година како дел од тимот на Европол и две години работеше на проект во Сектор за внатрешни работи Велес. Шлеф создаде бројни пријателства со Велешани и се воодушевуваше кога тие го нарекуваа „Велешанецот Жак“ .

Фото: Жак Шлеф со делегација во Куќа на Касапови

Во неговиот две годишен работен престој во Велес повеќемина пријатели имаа можност да слушнат токму од него за воодушевувањето не само од нашиот град туку и од Македонија која тој ја откриваше преку историската, културната, туристичката, гастрономската, винската и останатите приказни со трајни вредности.

Фото: Жак Шлеф со француски експерти во двор на манастир „Свети Димитрија“
Фото: Жак Шлеф со експертите во Соборен храм „Свети Великомаченик Пантелејмон“

При заминување од Македонија, во 2011 година, Жак Шлеф вети и набрзо оствари регистрација на граѓанско здружение „Алзас – Македонија – Алма“ со седиште во Стразбур за да ја продолжи соработката со Македонија. И никогаш не го одмина Велес.

Фото: Амбасадорот на Франција Н.Е Кристијан Тимоние и Жак Шлеф при предавање на донација

Доаѓаше со камиони хуманитарна помош за медицински установи, за училишта и за домови за стари лица. Најголемите донации завршија во Велес, Јасеново, Берово и во Скопје.

Сегашниот почесен конзул на Македонија во Стразбур го овозможи основањето на Француско катче во велешка Градска библиотека „Гоце Делчев“ со донација од над 1000 книги од Алзас, Франција. Обезбеди поддршка за развој на винскиот туризам во Вардарски плански регион со помош на експерти од Алзас кои имаа долгогодишно искуство во оваа област. Жак Шлеф придонесе за поврзување на Алзас со Македонија преку редовно одбележување на Денот на пријателството преку организација на годишни настани.

Фото: Жак Шлеф со пријателите пред директно телевизиско вклучување од хотел „Романтик“

Исто така, ги донесе и првите туристи од Алзас во Велес и во Македонија.

Фото: Жак Шлеф со туристи пред Спомен куќа на Петар Поп Арсов во Богомила
Фото: Жак Шлеф во разговор со Веле Алексоски при посета на Пензионерски дом во Богомила

Како што дознава Дума.мк, почесниот македонски конзул во Стразбур ќе ги продолжи донаторските акции и културните активности и во наредниот период. Отворањето на Конзулатот во Стразбур преставува значаен чекор за заокружување на сите досегашни заложби на Жак Шлеф и неговите пријатели во здружението „Алма“ за развој на соработка помеѓу Македонија и Алзас.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.