Велешани од населба Тунел бараат обележување на пешачки премини и „легнат полицаец“ пред нивните згради и куќи на улица „Благој Ѓорев“
„По удолницата на реконструираната улица „Благој Ѓорев“ од влезот во Велес, од населба Превалец се до спортскиот терен пред популарно наречената зграда „Сив Дом“, возила и мопеди возат со поголема брзина од пропишаната. На коловозот на улицата нема обележано пешачки премини иако поставени се знаци кои укажуваат на точни локации на кои треба да ги има како и пропишана брзина на возење.“ Ова на Дума.мк и го пишуваат граѓани кои живеат во овој дел на Велес. Тие веќе реагирале до општина Велес и барале да се вратат на точно утврдените локации пешачките премини како и да се разгледа состојбата со цел да се постави барем еден „легнат полицаец“.
„По тротоарите, којшто се тесни, минат деца и по возрасни граѓани. Поточно секој што сака да ја премине улицата во делот на бензиската пумпа или маркетот се доведува во ризик. Возилата не возат според пропишаната брзина на сообраќајните знаци. Сметаме дека вака оставениот коловоз на улица „Благој Ѓорев“ не е воопшто безбеден. Од друга страна немаме можност како да ја преминеме улицата. Да не зборуваме за пуштање на деца до ближниот маркет,“ пишуваат во пораки граѓаните од зградите и околните куќи.
Дума.мк испрати прашања до општина Велес кои ги содржат барањата на овие граѓани поточно зошто нема, кога ќе се обележат пешачки премини и дали е планирано поставување на „легнат/ти полицајци“ на овој дел од улицата „Благој Ѓорев“. Не добивме одговори до објавување на веста.
Убавка Јаневска