Велешани отепаа змија отровница на тротоар кај „Авона“

Замотана во клопче, змијата на тротоарот на улица „Благој Ѓорев“ и во непосредна близина на редицата со продавници, вечерва околу 19:00 часот, ја забележале минувачи. Еден од нив сепак влегол во најблиската продавница за бои и лакови за да побара дрвен предмет со кој би можел да ја усмрти. Воедно побарал и помош од продавачот и од купувачот, којшто во моментот се наоѓал, во продавницата.
-Мажот што влезе во продавницата бараше цврст предмет додека зборуваше дека има змија на десеттина метри пред редицата со продавници, спроти „Железничарска зграда“. Излеговме со продавачот и за среќа во момент кога старец се обидуваше да ја згази со нога на што бурно реагиравме. Старецот се повлече додека ние тројцата проценивме дека така замотана во клопче, змијата, беше подготвена за напад. Од искуство, препознав, дека станува збор за змија од видот на отровници. Со неколку удари ја усмртивме, рече за Дума.мк очевидец на настанот.
Според овој Велешанец, граѓаните треба да бидат внимателни бидејќи започната е сезоната на излегување на змии од легла. Се што тие треба да сторат доколку забележат змија е да не и се доближуваат голораки и во никој случај да не се обидуваат да ја газат туку да побараат помош.
Убавка Јаневска
