Велешани помогнете му на семејството Јовевски, дојдете на концерт!
Објавено: 24 ноември, 2025, во 12:58 часот
Хуманитарен концерт на кој ќе учествуваат бројни македонски и велешки музички ѕвезди ќе се одржи во спортската сала на ООУ „Блаже Коневски“ по повод собирање средства за семејството Јовевски, чиј дом беше целосно изгорен во катастрофален пожар.
Хуманитарениот концерт ќе се одржи утре со почеток во 18:00 часот а велешани ќе имаат можност да уживаат во настапите на Мики Секуловски, Анета Арсова, Круме Спасовски, Никола Сташиниќ, Баже Натoв, Злате Антевски, Кате Брезова, Вики Среброва, бендот „Парабола“ од Гимназија „Кочо Рацин“, гајдаџијата Ратко од Скопје, како и играорците од ансамбл „Керамичар“ и КУД „Коле Неделковски“.
Сите заинтересирани граѓани кои до сега не успеале да купат билет, тоа можат да го направат и утре на самиот влез во спортската сала. Билетот е со симболична цена од 100 денари.
Освен со билет, секој ќе може да донира и во поставените кутии на самото место во салата, како и на жиро-сметката: 210501648880642 – Пандорка Јовевска, Тутунска банка.
Инаку, концертот го организира Делчо Костов претседател на здружението „Велешки Акцијаши“ заедно со Сојузот на волонтери на „Акцијаши“ на РМ.
-Овој концерт го организираме за нашиот млад акцијаш Гоце чија куќа целосно изгоре. Тој учествувал на бројни еколошки акции и хуманитарни активности за нашиот град, затоа сега е наш ред да му помогнеме нему и на неговото семејство со што ќе им овозможиме повторно сигурен и топол дом, објасни Костов.
Семејството Јовевски привремено престојува кај свои роднини и познаници, но итно е потребна обнова на домот. Велешани се познати по својата хуманост, затоа да се обединиме и да бидеме дел од овој хуманитарен концерт, заедно да им помогнеме да добијат повторно топол и безбеден дом.
Стефани Манева


