Велешани реагираат на несоодветно чување на упокоени роднини во Капела во „Раштани“, од ЈКП„Дервен“ негираат

Објавено на 11 август, 2022 во 11:16
Фото: Градска Капела на гробишта „Раштани“ во Велес

Делот од капелата на Градски гробишта во Раштани, поточно комората, во која се чуваат упокоените велешани не работи како што треба. Вакви реакции на граѓани, чии блиски членови на семејствата починале деновиве, пристигнаа до Дума.мк. Граѓаните во пораки на профилите на социјалните мрежи ни пишуваат дека од Капелата ги превземале ковчезите со починатите во полураспадната состојба и ги погребувале во смрдеа.

„Комората не работи и починатите скапуваат во рок од 24 часа. Кога го земавме починатиот мирисање и беше подуен што е срамота. ЈКП Дервен наплаќа за услуга што не ја нуди. Место да кажат дека ладилниците не работат, тие лажат,“ пишува еден револтиран велешанец чиј идентитет е познат на редакцијата на Дума.мк.

И реакциите на останатите сограѓани, коишто во изминатиот период се соочиле со слична состојба, содржат идентични сведоштва. Дел од нив се сомневаат дека поради штедење на електрична енергија се исклучуваат инвертор климите во комората на капелата. Граѓаните побараа од ЈКП„Дервен“ да соопшти зошто по 24 часовното чување на упокоените од Капелата на градски гробишта „Раштани“  им ги давале во полураспадната состојба.

Дума.мк побара став од ЈКП„Дервен“. Од таму одговорија дека комората функционирала без проблеми.

„Во врска со Вашето новинарско прашање, Ве известуваме дека комората за починати во капелата на новите градски гробишта функционира нормално. Температурата се одржува на -4 степени Целзиусови и на секои два часа се врши контрола на температурата во комората. Исто така, комората редовно се чисти и дезинфицира. Проблем може да настане само доколку телото на починатиот се донесе во поодмината фаза на распаѓање, особено во текот на летото кога поради високите температури е потребно да се донесе во најбрз можен рок,“ напишаа од ЈКП„Дервен“.

Градските гробишта во „Раштани“ се предадени во употреба на 9 Ноември – Ден на Општина Велес, во 2014 година. Толку време функционира и капелата на парцелата на гробиштата. Комората беше ставена во употреба непосредно потоа. Исто така, со Одлука на Советот на Општина Велес беше забрането чување на упокоените велешани во домовите се до погребувањето. Но се до денеска, со изговор дека се прескапи, градот не успеа да купи фрижидери и да ги постави во склоп на оваа капела иако таму мора да се чуваат 24 часа упокоените велешани кои се погребуваат како на парцелите на градските гробишта во „Раштани“ така и на гробишта во црквите „Свети Пантелејмон“ и „Свети Спас“ во Велес.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.