Велешка болница набави нови медицински апарати, од месец мај на Очно одделение ќе се оперира и катаракта (видео и фото)
Објавено: 8 април, 2026, во 16:49 часот
Велешка болница набави нова медицинска опрема. Нов ЕКГ апарат и има Нервно одделение, дигитален Рентген апарат и Дензитометар или Дексаскен доби ова болничко одделение додека на Интерното одделение купени и монтирани се Ултразвучен ЕХО апарат. Директорот на болницата, Александар Бузалков во присуство на заменик Министерот за здравство, Јовица Андовски, денеска најави дека на Одделението за очни болести до крајот на овој месец ќе биде ставена во функција и нова опрема со примена на фако метода за изведување на операции на катаракта.



Заменик министерот Јовица Андовски, честитајќи им го празникот на здравствените работници, 7 Април, додаде дека овој пакет на нова медицинска опрема чини 24,5 милиони денари поточно 390 илјади евра. Од вкупната сума дел се финансиски средства за набавка се обезбедени од болницата додека поголемиот дел се финансиски средства на Министерство за здравство и на Фондот за здравство. Андовски додаде дека од месец мај, на Очно одделение во Велешка болница ќе доаѓаа двајца специјалисти кои ќе ги вршат операциите со што велешани не ќе мораат да одат на скопските државни клиники за интервенции на катаракта.


Одговарајќи на новинарски прашања Бузалков соопшти дека ЈЗУ Општа болница Велес има 28 специјализанти од сите медицински гранки. Од нив годинава се очекува специјализација да завршат двајца додека наредната повеќе и за неколку години да се обезбедат неопходниот број на специјалисти кои ќе го подигнат квалитетот на издавање на здравствени услуги како за велешани така и за граѓаните од регионот.
Исто така, велешка болница бара од министерството решение и за испразнетите работни места по основ на пензионирање на медицински сестри, техничари, физиотерапеути и болничари а директорот Бузалков верува дека наскоро ќе добие позитивно мислење за нови вработувања.

Состојбата со недостиг на специјалисти физијатри на Физикално одделение, кое сега се решава со доаѓање на двајца или по еден од Клиниките во Скопје и во Штип, треба наскоро да се реши. Според Бузалков штом министерството и ФЗОМ го одобрат барањето на Општа болница Велес за вработување на двајца специјалисти физијатри тогаш ќе се врати и стариот систем на двосменска наместо работа во една смена на физикалната терапија за велешани кои не користат хоспитализација.


Здравствените работници на оваа јавна здравствена установа денеска го одбележаа со пригоден говор на директорот Александар Бузалков и закуска нивниот празник, 7 Април – Светскиот ден на здравството. Имаа и гости од повеќе институции во градот.
Убавка Јаневска



