Велешки Црвен крст бележи двојно повеќе крводарувања од планирани во минатогодишниот план, во неделата собрани 104 крвни единици
Објавено: 3 февруари, 2026, во 10:03 часот
Вкупно 3.802 крвни единици на реализирани вкупно 28 доброволни крводарителски акции собра Општинската организација на Црвен крст Велес во минатата година. Годишниот план според кој беа планирани 1860 крвни единици е остварен со 204.40%. Во реализираните 28 акции за доброволно дарување крв собрани се 1.568 крвни единици, додека преостанатите 2.234 дарувања собрани се во Одделението за трансфузиона медицина во Велес и на останатите одделенија во околните болници од страна на самоиницијативни доброволни крводарители. Од собраните 3.802 крвни единици 889 се од крводарители жени додека 561 се од дарители кои прв пат дарувале крв во својот живот.
„Во споредба со претходната. 2024 година, собрани се 24 крвни единици помалку. Тогаш беа собрани 3.826 крвни единици а годишниот план беше остварен со 205.40 %. На терен беа изведени 28 крводарителски акции на кои беа собрани 1.405 крвни единици, пишува во Годишен извештај на велешки Црвен крст.
Споредено со бројот на дарувања од крводарители жени, минатата година, намален е за само еден, а бројот на нови крводарители за 13. Поточно, во 2024 година евидентирани се 890 крводарувања од жени и 574 дарители кои прв пат дарувале крв.
„Од прикажаните податоци може да се констатира дека во текот на 2025 година има континуитен и високо ниво на бројот на собраните крвни единици во однос на претходната 2024 година. Со собраните 3.802 крвни единици обезбеден е континуиран и доволен прилив на крв за потребите на ЈЗУ Општа болница во Велес и исполнети се обврските кон Клиничкиот центар во Скопје,“ се додава во извештајот.
Од организираните 28 крводарителски акции во 2025 година по три се изведени со дарители од општина Чашка и општина Градско, две во АРМ и една во СВР во Велес. Исто така по една акција идведена е со ООУ „Блаже Конески“, ООУ „Св. Кирил и Методиј“, Извидничкиот одред „Димитар Влахов“, со Здружение „Велес Бајкинг“, „SKILL Up Academy“ и ЈЗУ „Здравствен дом“.

Велешки Црвен крст во многу успешни крводарителски акции ги вброија двете со Мото Клуб „Носачи на крстот“ во кои собрани се вкупно 383 крвни единици, крводарителските акции во Општина Градско каде се дарувани 395 единици и за за Денот на Општина Велес и за Денот на Општина Градско каде се даруваа по 200 крвни единици.
„Општа оценка е дека крводаритеските акции беа добро организирани со зголемен одзив на доброволни дарители. Бројката на дарители на крводарителски акциие на високо ниво и најголема во последните дваесет години,“ пишува во извештајот.
Од Велешки Црвен крст потенцираат дека како и многу години наназад, одлични резултати се постигнати и од самоиницијативните дарувања, што секако се должи и на ефикасноста како и на соодветниот однос на вработените кон дарителите во одделението на Институт за трансфузиона медицина во Велес.
Исто така, истакнат е одзивот на првата крводарителска акција годинава, одржана во населено место Горно Јаболчиште каде е договорено да има и наредни како и на првата во Велес, во Театар „Џинот“ во неделата, на 1 февруари, на која собрани се вкупно 104 крвни единици или три пати повеќе од минатогодишната, со шест крводарители кои за прв пат даруваа крв.
Според Годишниот календар наредните доброволни крводарителски акции се планирани за 11 февруари во Сектор за внатрешни работи Велес и три дена подоцна со ИО „Димитар Влахов“.
Убавка Јаневска


