Велешки гимназијалци денеска одбележаа 60 години од матура (фото и видео)

Објавено на 1 јуни, 2022 во 16:28
Фото: Дел од матурантите на генерација 1962 на „Гимназија Кочо Рацин“

Петнаесет „вечно млади“ гимназијалци денеска точно на пладне стигнаа пред најновото обележје на Велес , поставено во паркот кај Офицерски, на генерациска дружба којашто годинава е јубилејна. Поточно посветена на нивните 60 години од матурирањето, во според нив, најдоброто средно училиште во државата или велешката Гимназија којашто го носи името на Кочо Солев Рацин.

Фото: Генерациска средба за одбележување на 60 години од матурска вечер

Со ведар дух и младешки порив во себе, без оглед на годините, го поздравуваа секое доаѓање на наредниот соученик. На телефон ги контактираа останатите кои најавиле доаѓање, а живеат надвор од Велес, иако доцнеа само неколку минути и имаа оправдување бидејќи барале слободно место за паркирање на сопственото возило или не тие туку задоцнила такси компанијата што ги вози.

Фото: Спомен од одбележување на 55 години од матурирањето

По пет години од последната средба, кога одбележаа 55 години од матурската забава, се поздравуваа и разменуваа срдечни зборови за добредојде. Продолжија да се прашуваат меѓу себе, за здравјето на семејствата, на децата и на внуците. Со особено внимание го исчекуваа одговорот на прашањето дали некој од нив добил и пра внук.

Топлото време и жештината не ги попречи во намерата најхрабрите да го дочекаат фотографот и да го официјализираат собирот со најнова фотографија што ќе биде дел од спомените во нивните албуми. Таму сега, во поодминатите години исто така педантно се реди секоја наредна фотографија што го одбележува моментот, денот, годината исто како и во младоста.

Фото: генерациска фотографија од матурски денови во 1962 година, приватна фотографија на Елена Шопова
Фото: дел од матурантите соученици и во основно училиште во петто одделение, приватна фотографија на Елена Шопова
Фото: дел од матурантите соученици и во основно училиште во второ одделение, приватна фотографија на Елена Шопова
Фото: дел од матурантите соученици и во основно училиште во прво одделение, приватна фотографија на Елена Шопова

И штом заврши овој дел од средбата, во чии рамки задолжително се посетува и училишната гимназиска зграда, Елена Шопова во името на својата генерација одговараше на новинарските прашања. Иако сите беа убедени дека се најдобра генерација од постоењето на велешка Гимназија, Шопова, појасни дека сите се академски граѓани и најголем дел докажани професионалци во различни области на општествениот живот. Тоа што треба да биде дополнителна вредност на нивното постоење е секако и почитување на дадениот збор од времето на младоста поточно на секои пет години да одржуваат официјална средба за да пристигнат исселените во Скопје и во други градови на Македонија додека за тие што живеат во Велес уште по една годишно за да се видат и ги споделат незаборавените спомени.

Годинава, генерациската средба на „гимназиски матуранти `62“ продолжи во угостителскиот објект на култното место „Офицерски“ во Велес. Таму ги оставивме да уживаат во приватноста. И додека заминуваа слушнавме како ја договараа неофицијалната наредна годишна и искрено си посакаа да се видат и на официјалната средба посветена на 65 години од матурирањето.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.