Велигденски концерт во ООУ„Блаже Конески“ Велес, талентирани ученици приредија предпразнично музичко доживување (фото)
Објавено: 9 април, 2026, во 11:02 часот
Музички талентирани ученици на основното училиште во предвечерјето на одбележувањето на престојните Велигденски празници, вчера, доцна поладне, повторно изведоа Концерт во поливалентниот простор на ООУ “Блаже Конески“.

Пред многу бројната публика, составена од родители и пријатели на училиштето, концертната програма беше отворена со .„Велигденско оро“ во изведба на солистот на хармоника, ученикот Андреј Бошев по што следеа композициите „Две златни лири“ во интерпретација на училишниот хор и бенд, „Не заборавај“ во солистичка вокална и изведба на гитара на ученичката Христина Здравковски, „На Велигден сум се заљубил“ со солистите ученички Мелита Брезева и Лилјана Давчева, придружувани од бендот и хорот како и композицијата,,Зајди,зајди“ во изведба на ученикот Доне Миноски како солист којшто беше придружуван од инструменталистите ученици Филип Тодоровски и Андреј Бошев.

По изведбите на безвременските мелодии на концертот следеа неколку модерни композиции како што се ,,Џипси сонг“ од легендарниот македонски бенд ,,Леб и сол“ во изведба на солистите ученички Мила Стајиќ и Мила Јорданов во придружба на училишниот бенд, композицијата,,Killing me softly“ која што ја изведе хорот придружуван од бендот, настапот на ученичката Мила Стајиќ како солист на композицијата ,, Hello“ со училишниот бенд, вокалната и пијано изведбата на композицијата ,,Lovefool“ на ученичката Теодора Куновска како и настапот на хорот и бендот со песната,,Излажи ме“.
Во училишниот бенд членуваат учениците Дарија Ванова-перкусии, Леон Петков-виолина, Ангел Ристов- ударни инструменти, Тања Бабунска-бас гитара; Мила Јорданов-гитара и бас гитара, Андреј Бошев-хармоника и пијано, Филип Тодоровски-гитара и Теодора Куновска-пијано.


-Во духот на големиот христијански празник Велигден, нашите талентирани ученици подготвија богата музичка програма исполнета со песни, радост и празнична атмосфера. Овој концерт е резултат на нивниот труд, креативност и љубов кон музиката. Љубовта кон музиката е јазик што сите го разбираме, без разлика на возраста. Музиката е дел од секој наш ден – нè следи во радоста, нè теши во тагата и нè мотивира да бидеме подобри. Особено кај најмладите, љубовта кон музиката ја развива креативност, самодоверба и тимски дух. Преку песна и изведба, учиме да се изразуваме, да соработуваме и да ја чувствуваме убавината на уметноста, рече Маја Коруновска директорка на ООУ “Блаже Конески“.

Концертот на присутната публика и приреди убаво претпразнично доживување.
Убавка Јаневска



