(видео и фото) Вера Трчкова, Даниела Димовска и Христина Леова прогласени за најдобри наставнички во Општина Велес

Објавено на 23 мај, 2025 во 14:39

На свечената академија по повод 24 мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, во големата сала на општина Велес, денеска беа прогласени најуспешните просветни работници од основните и средните училишта, како и најдобрите ученици. Настанот беше можност да се одбележи трудот, посветеноста и постигнувањата на наставниците и учениците кои се истакнаа во учебната 2024/2025 година.

Во категоријата наставници од одделенска настава, признанието „Најдобар наставник за 2025 година“ го доби Вера Трчкова, наставничка во ООУ „Блаже Конески“. Нејзината посветеност и педагошки пристап ја истакнаа како лидер во воспитно-образовниот процес.

Во категоријата предметна настава, признанието и беше доделено на Даниела Димовска, наставничка по англиски јазик во ООУ „Блаже Конески“. Нејзиниот ентузијазам и креативен начин на пренесување на знаењата беа препознаени од стручната комисија.

Во средното образование, за најдобар наставник беше прогласена Христина Леова, професорка по англиски јазик во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“. Таа е препознатлива по својот иновативен пристап и исклучителен успех во подготвувањето на учениците за натпревари и меѓународни проекти.

Во името на сите добитнички се обрати професорката Христина Леова изразувајќи благодарност за признанието и истакнувајќи дека ваквите награди се мотив повеќе за сите просветни работници да продолжат со посветеност и љубов кон образованието.

Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, се обрати пред присутните, упатувајќи честитки до сите добитници, а потоа лично им ги врачи признанијата на денешните лауреати.

На свечената академија наградени беа и најдобрите ученици во Велес, поточно за најдобар ученик од основното образование е прогласен Лука Коциќ кој е ученик во ООУ „Блаже Конески“, додека признанието за најдобар ученик во средното образование му припадна на Кристијан Мартинов, ученик во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“. Двајцата ученици се истакнаа со континуирани резултати, воннаставни активности и одговорен пристап кон учењето.

На сцената се обратија и класовите на наставничките Вера Трчкова и Даниела Димовска, пренесувајќи емоционални пораки преку кои им се заблагодарија за нивниот труд и поддршка.

Во рамки на настанот беа доделени и наградите на учениците кои учествуваа во ораторскиот натпревар, поточно прво место за ученичката Лана Басаров, второ место Мерве Исмаилова и трето место Димитар Кузманов.

Свечената академија беше затворена со музички изведби на учениците од музичкото училиште „Стефан Гајдов“ кои ја збогатија атмосферата со свои уметнички настапи.

Стефани Манева

фото:

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.