Вежба за спасување во реални услови на пожар во велешкото средно училиште „Димитрија Чуповски“
Објавено: 18 ноември, 2025, во 10:41 часот
Учениците од велешкото средно училиште „Димитрија Чуповски“, заедно со професорите и вработените, беа дел од динамична и практична евакуациска вежба што го раздвижи училишниот двор. Наместо вообичаениот школски ритам, просториите одекнаа од аларм кој го означи почетокот на сценариото – симулација на пожар и организирана евакуација.
По активирањето на алармот, наставниците и учениците низ претходно утврдениот план организирано ја напуштија зградата. Во дворот, припадниците на Територијалната противпожарна единица демонстрираа дел од своите интервенциски активности, објаснувајќи колку е значајно координираното придвижување во вакви моменти.

Дополнителен акцент беше ставен и на првата помош. Обучени волонтери од Црвен крст Велес, прикажаа постапки за третман на изгореница на рака, техники за реанимација, како и начини за смирување на повредено лице—вештини што можат да бидат од пресудно значење во реална опасност.
-Вежбата беше успешно реализирана и придонесе за подобра подготвеност и поголема свесност кај сите присутни, соопштија од велешки Црвен крст.

Настанот беше реализиран во соработка со Територијалната противпожарна единица Велес и волонтерите на Црвен крст.
Стефани Манева


