(Видео) Беловски од Прилеп: „Се затвораат локални медиуми, владее информациски мрак, поради ниските плати нема дописници и локални новинари“ (фото)
Пред новинари во Прилеп денеска беше промовиран Манифестот на локалните новинари и медиумски работници, подготвен со поддршка на Самостојниот синдикат на новинари во Македонија (ССНМ), со кои се бара подобрување на условите за работа во медиумите во градовите во државата.
Претседателот на ССНМ , Павле Беловски, ја отвори прес конференцијата велејќи дека надлежните Министерства и Владата треба да ги очекуваат синдикалните претставници кои за кратко време ќе ги посетат со Манифестот во раце.
-Да не очекуваат, за кратко ќе дојдеме кај нив. Овој Манифест всушност е основа за во иднина да ги креираме сите наши барања, да градиме политики, да бараме промена на закони, а на крајот на денот и да излеземе на протести ако некое од овие барања не се спроведе наредниот период. Медениот месец на Владата заврши, се востановија министерствата, така што нема повеќе бегање од соочување со нашата професија. Задолжени за се, надлежни за ништо, нема да чекаме нов изборен циклус да не платат со платена политичка програма, затоа што нас ни треба достоинство, а не милостина преку изборниот законик со тие пари од реклами. Така да работите треба да се средуваат, ако имавме времиња кога ИТ инженерите можеа да бидат ослободени од придонеси, мислам дека е достоинствено барањето и ние тоа да го предложиме и да го добиеме во најкус можен рок, затоа и споменавме на претходната средба со заменик министерот за труд. Така што јас одговорно тврдам во име на ССНМ, ви благодарам за изработката на овој Манифест, сега ние ја преземаме одговорноста да се шетаме со него до крајно остварување на сите барања, кај оние кои се задолжени и кои ги бираме за да ја завршат работата, додаде Беловски.
-Кога ќе разговараме со луѓето кои не следат, нашата публика, нашата заедница медиумска, многумина прашуваат зарем државата не ви дава пари? Прво и основно повеќе од луѓето сметаат дека ние сме финансирани од некаде и кога ќе им кажеме дека ние всушност одвај преживуваме и сме оставени сами да наоѓаме средства за наша егзистенција, кога ќе им кажеме податок што излезе од истражувањето што го спроведе РЕСИС заедно со ССНМ заедно, прво истражување од поголем тип, каде дојдовме до заклучок дека на локално ниво имаме во медиум по одвај 1 до 1,6 новинари, значи немаме ни двајца луѓе кои работат во медиум, тогаш за какво информирање да зборуваме. А чекувањата се огромни. Многупати кога разговараме со луѓето велат зошто не инсистирате, зошто не барате, зошто нема некој што би издвоил фонд за вас? Ние овде тоа го ставаме како едно од решенијата што ги предлагаме и моите колеги овде малку повеќе ќе зборуваат за тоа, но факт е дека најмалку зборуваме за себе, а тоа е нешто што треба да го промениме, нешто што го правиме сега со Манифестот. Ние секогаш би зборувале за прекршувањата на работничките права на текстилната индустрија, во градежништвото, а никогаш не зборуваме за нашите. Но еве сега е денот кога ќе зборуваме за тоа, рече Весна Коловска член на ССНМ.
-Само пред 7 до 8 години на настаните вообичаено се туркавме еден со друг за да обезбедиме место за камера, или за диктофон 15 луѓе, 17 луѓе, наспроти глетката денес кога на настани едвај се собираме 3 новинари и уште 2 сниматели. Сето ова покажува во каква состојба се наоѓаат локалните медиуми, или велешките локални медиуми. Жалам што морам да споделам дека за 3 години во Велес згаснаа 2 телевизии, пред згаснување се радио станиците и се борат за егзистенција 3 веб портали. Тоа е сликата која што ја оставаме пред граѓаните, од кои што досега многупати сме побарале поддршка, барем ние новинарите, во делот на презентирањето на нашиот труд, или она што го работиме секојдневно и бараме читаност.
Значи состојбата со обезбедувањето на егзистенцијата во локалните медиуми е страшно лоша, не можеме да работиме без помош од донатори, а нив ги обезбедуваме преку пишување на проекти. Во медиуми во кои има 1,6 рекоа моите колеги, еве јас слободно ќе кажам во медиум во кој има 3-4 вработени лица, да се биде главен и одговорен уредник, да се посети настан, да се напише информација и да се пронајде слободно време за да се напише проект, и згора на се да се обезбеди реклама е ужасно тешко. 24 часовната работа нас не исцрпува и не прави на крајот и неинвентивни.
Морам да кажам дека ваквата состојба повеќе не може да се толерира, потребна е помош на медиумите. Сакам да кажам дека за мене е особено значајно основањето на Фондот за производство на медиумски содржини, кој треба пред се да биде насочен кон локалните новинари и медиумски работници, затоа што сметаме дека тоа е формата која ќе ни овозможи да произведуваме или продуцираме квалитетни медиумски содржини, а на некој начин и ќе обезбедиме финансиски средства за да бидеме препознаени и од самите граѓани и од рекламерите, кои се многу значајни, но не не препознаваат во локалната заедница.
Поддршката на локалните медиуми преку субвенционирање на придонесите за пензиско и здравствено осигурување за медиумските работници е исто така едно суштествено барање кое сметавме дека треба да го има во манифестот, а исто така и воведување на активни мерки за вработување на млади новинари и медиумски работници во локалните медиуми, затоа што мораме да обезбедиме самоодржливост од една страна, но и кадровски потенцијал. Во Велес последните 5 години немаме ниту еден дипломиран новинар, што е пораз, рече Убавка Јаневска член на ССНМ.
Многу е значајно да се започне од некаде во борбата да се опстои во локалното новинарство. Овој документ е многу важен, затоа што ги истакнува проблемите, ги лоцира проблемите, но исто така има и одредени барања кои ги имаме ние како локални новинари и медиумски работници, кои се суштествени, бидејќи локалното новинарство, дописништво, изумира. Многу се проблемите зошто изумира, но јас ќе кажам накратко, многу е важно да се знае дека медиумот има име, новинарот има име и презиме, медиумскиот работник има име и презиме, ние се соочуваме со лажни информации, се соочуваме со проблеми кои се однесуваат на нелојална конкуренција, бидејќи тоа се луѓе кои работат нешто и самите велат дека е новинарство. Такво новинарство не постои, ниту кај нас, ниту во светот. Затоа што ние имаме нелојална конкуренција, проблеми со авторските права, бидејќи нашите текстви, фотографии, видеа и аудиа се крадат од нелојалната конкуренција. Ние како медиуми сме практично едно топовско месо кое секој како сака може да го моделира. Но дојде време да кажеме дека не смееме така да одиме повеќе.
Во однос на документот кој е Манифест, зошто е Манифести, затоа што прецизно се означени проблемите и барањата. Меѓу нив има едно барање кое е од суштинска важност за демократијата во Македонија. Ако нема локални новинари, ако нема локални медиуми, луѓето кои немаат ниту новинари, ниту локални медиуми во средините како Ресен, Крушево, Демир Хисар, Македонски Брод, од овој регион, тие луѓе остануваат без суштествени информации кои се однесуваат на нивното живеење и опстанок. Потребно е создавање на една мрежа од регионални медиуми, кои би биле по принципот на некогашната мрежа на локални радио станици, која чинам тогаш беше по бројност од 30 локални радио станици, кои што работеа исклучиво за граѓаните од локално или регионално значење. Доколку ова најбрзо не се случи, доколку ова најбрзо не се востанови, Македонија ќе остане без локални новинари и без локални медиуми, Гордана Цветаноска член на ССНМ.
Проблемите за кои зборуваа колегите не се од вчера, овие состојби траат со години и ние сме разговарале за овие теми при сите средби на еснафските здруженија, ЗНМ и синдикатите, но чинам дека вака јавно документ прв пат создаваме, што можеби и е задоцнето, но подобро некогаш отколку никогаш. Спомнаа колегите што содржи овој манифест, има 9 точки:
- Основање на Фонд за медиумски содржини;
- Промена на правната регулатива со цел задолжување на националните радиодифузери да вработат дописници од сите плански региони во државата;
- Поголема транспарентност на националните и локалните власти и прекин на практиката на создавање паралелни псево-медиуми во рамките на кабинетите;
- Препознавање на јавниот интерес од страна на правосудните органи во поглед на правото на слобода на информирање во случаи во кои новинарите се тужена страна;
- Поголема ажурност на полицијата и правосудните органи во случај на напади и закани врз медиуми и медиумски работници;
- Формирање на јавни сервиси, локални или регионални медиуми во планските региони.
- Поддршка на локалните медиуми преку субвенционирање на придонесите за пензиско и здравствено осигурување за новинарите и медиумските работници;
- Вовеување на активни мерки за вработување на млади новинари и медиумски работници во локалните медиуми;
- Обезбедување простории за новинарски прес центри за потребите на локалните новинари и дописници.
Кажаа колегите дека состојбата е повеќе од загрижувачка во локалните средини, не очекуваме никој дека сите овие проблеми ќе ги решиме веднаш, сега и одма, искрено се надевам дека ќе допрат до сите оние до кои се адресирани, затоа што навистина сме во исклучително тешка состојба, а тоа е на штета не само на новинарите и новинарството, туку и на целата јавност и општеството. На овој начин, со создавање на вакви медиумски пустини во регионите ние отстапуваме простор на парановинари, парамедиуми и на дезинформации, рече Емилија Мисирлиевски член на ССНМ.
Видео материјалот превземен од веб портал „Инфо Компас“ од Прилеп
Дума.мк