(Видео) Ѓаковска: Криумчарите лишени од слобода, со нив и со мигрантите од комбето работат полициски инспектори во Полициска станица Велес

Објавено на 29 октомври, 2023 во 23:39
Фото: Случаен минувач во Велес

Полицијата ги лиши од слобода возачот и совозачот од комбето коешто превезувало поголема група на мигранти од Грција кон Србија. Тие први завршија во Полициска станица Велес.

„Полициски инспектори работат на утврдување на идентитетот на криумчарите а на сослушување во Полициска станица Велес се и мигрантите од комбето со скопски регистерски таблици коешто, вечерва, околу 20 часот, падна во шанец на раскопаната улица „8 Септември“ во центарот на Велес. Во овој момент можам да кажам дека криумчарите не се од Велес, поточно не се од подрачјето на Сектор за внатрешни работи Велес. Бидејќи кај нив не се пронајдени лични документи се работи на утврдување на идентитетот. Исто така полициски инспектори работат и на утврдување на идентитетот на мигрантите,“ рече за Дума.мк Биљана Ѓаковска портпаролката на СВР Велес.

Од страна на полицијата мигрантите прво беа обезбедувани, додека седеа пред продавниците на тротоарот пред хотел „Интернационал“ за потоа да бидат однесени во велешката полициската станица.

Инаку комбето коешто ја превезувала оваа група на мигранти било следено од страна на македонската полиција и припадници на ЕУЛЕКС уште од македонско – грчката граница. Најверојатно кога криумчарите забележале дека ги следат се дале во бегство и така влегле во Велес. Но освен што го погрешиле правецот на движење на едносмерната, главна улица „8 Септември“, паднале во ископаниот дел од истата.

Лишувањето од слобода на криумчарите како и на мигрантите е снимено од случаен минувач.

Во паѓањето на комбето во дупката на улицата „8 Септември“ имало повреден родител со дете коишто од Итна медицинска помош биле пренесени во Општа Болница Велес. Лекарите не констатирале посериозни повреди по што и тие завршиле во Полициска станица Велес. Освен мажи и дете помеѓу мигрантите има и жени.

Портпаролката Биљана Ѓаковска најави подетални информации во текот на утрешниот ден.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.