(Видео и фото) Фурнаџиите од „Гемиџии“ ја произведоа најголемата пита на велешката „Питијада“, за парче од неа Колев донираше две а претседателот Љутков илјада денари
Со произведена велешка џиновска пита тешка над 100 кг, за која освен мајсторијата во подготовка на тестото голема улога за вкусот има и мастрафот, пекарите на фурна „Гемиџии“ од Велес можат да конкурираат за влегување во гинисовата книга на рекорди. Мајсторите Александар, и Ѓорги и Паскал Јамалови, Лазе Коцевски,Панче Христов, Зоран Илијевски ,Александар Панов, Влатко Митов и Анѓел Костов ја подготвија питата долга 4м и 10 см. Оваа велешката фурна има капацитет да како подготви така и потешка пастрмалија од годинешната, рече фурнаџија Александар Јамалов.
Вчера вечер, на свеченото отворање на годинешната 19 „Питијада“ во Велес, џиновската пита ја носеа 10 пекари и нивни помошници. Велешкиот специјалитет го исекоа градоначалникот Марко Колев и претседателот на Совет на Општина Велес, Зоран Љутков. За помалку од дваесеттина минути од питата не остана ниту едно парче. Таа беше разделена на граѓаните. Тие беше потребно да донираат пари во касичките на Црвен Крст Велес. Меѓу првите 2.000 денари за парче пита донираше градоначалникот Колев додека претседателот на Совет,Љутков во касичката пушти 1.000 денари. Според информации на Црвен Крст Велес вчера вечер собрани се 14,680 денари кои ќе бидат употребени во хуманитарна акција за која дополнително ќе се направи избор.
Ако се направи пресметка,годинава, мастравот за подготовката на џиновската пита пастрмалија чини околу 12.000 денари. Поконкретно, за 15 кг брашно се потребни околу 700 денари, 25 кг свинско месо се потребни околу 9000 денари, ако се плати 360 денари за килограм кртина, додека 210 јајца по цена од 10 денари за јајце чинат 2.100 денари.
Годинешната „Питијада 2023“ ја отворија дечињата од велешката градинка „Димче Мирчев“ а потоа следеа настапите на учесниците според веќе објавената програма на традиционалната манифестација.