(Видео) Полноќна богослужба и соопштување на веста за Воскресението на Исус Христос го наполни храмот и дворот на црква „Свети Кирил и Методиј“ во Велес

Дворот на црквата „Свети Кирил и Методиј“ ноќеска беше претесен да ги собере верниците кои дојдоа да присуствуваат на Христовото воскресение. Бројни семејства, деца, млади, возрасни мажи и жени најмасовно започнаа да доаѓаат во храмот околу 22:30 часот. Сите влегуваа во духовниот храм за голем број од нив да присуствуваат на полноќната богослужба додека дел да се помолат пред иконата на Исус Христос. Заедно со молитвите за лично и здравје на семејствата држеа свеќи во рацете и ја слушаа полноќната богослужба или палеа свеќи во дворот на црквата.

Триесеттина минути пред полноќ, духовниот храм се испразни во чест на литијата, предводена од свештениците на Повардарска епархија на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, којашто три пати ја обиколи црквата за потоа свештениците да ја соопштат веста за Воскресението Христово. По гласното соопштување на веста „Христос воскресе – навистина воскресе“ верниците пристапија кон кршење на велигденските јајца.

И во времето по полноќ голем дел на верници останаа внатре во црквата „Свети Кирил и Методиј“ додека дел седеа во дворот откако запалија свеќи на означените места и преку разглас ја следеа богослужбата.
Убавка Јаневска
Фото галерија:








