(Видео) Поранешните младинци сега Акцијаши ветерани од екс Југославија годинава се собраа во Белград, вгодина ќе се видат на Бриони

Марина Деспотовска Јовева пред 41 година беше бригадирка на Младинската работна бригада „4 јули“ од тогашниот Титов Велес и од Република Македонија којашто на Младинска работна акција „Белград“ учествуваше во разубавувањето на главниот град на државата Југославија. По над четири децении, Деспотовска Јовева, изминатиот викенд со желба да го види ефектот од пулскавиците на своите раце замина на Средба на акцијаши ветерани во Белград, Република Србија, организирана од тамошниот Сојуз на здруженија на учесници на младински работни акции и Здружение на МРА „Белград“.

„Се вратија спомените од акцијата на која како младинци, бесплатно, со многу љубов кон тогашната татковина учествувавме во нејзината изградба и разубавување. Го препознав сопствениот вграден труд на локации на Белград сега веќе многу поубав, поголем но со задржана автентичност и гостопримство,“ рече Деспотовска Јовева и додаде:
Поранешните младинци, акцијаши и бригадири, кои во тогашниот општествен систем на државата во која се родени и живееја, СФР Југославија, во некоја од шесте републики и двете автономни покраини, секоја година организираат по една средба во сега веќе засебните држави. И тоа воопшто не им смета туку им дава можност да се пронајдат и видат, да ги споделат спомените и да ги возобноват некогаш започнатите пријателства.

Драган Миладиновски, исто како и Деспотовска Јовева, како член на ЗГ „Акцијаш ветерани“ од Велес беше во Белград како еден од вкупно 80 акцијаши ветерани од Македонија. Тој раскажува за присуството, за посетата на Спомен куќата на претседателот на Југославија, Јосип Броз Тито, на поранешниот југословенски а сега Парламент на Србија, на Владата на Србија како и на уште неколку значајни институции во Белград како и за домаќините и нивното гостопримство.
Вгодина, домаќин на Средбата на акцијаши ветерани на поранешна Југославија ќе биде Сојузот од Хрватска и ќе биде организирана на Бриони.
Убавка Јаневска


