Викендов јубилеен 10 велешки пливачки маратон на Езеро „Младост“

Традиционално и оваа година, во сабота и недела ќе се одржи велешкиот пливачки маратон на езеро „Младост. Јубилејниот 10 велешки пливачки маратон ќе биде збогатен со и Европски куп во далечинско пливање коешто во ист термин ќе се случува во шест држави и тоа Шпанија, Италија, Словачка, Израел и Србија. Дво дневниот пливачки маратон ќе започне на 2 септември, во сабота, со почеток во 09:00 часот и ќе има детски пливачки маратон на 800 метри, рекреативен маратон и професионален маратон на 2.5 км. Следниот ден, на 3 септември, со почеток во 11:00 часот ќе се одржи Европскиот куп на 10 км кој претставува најголем меѓународен спортски настан што се организирал во градот.
-Оваа година поради Европскиот куп имаме малку по строги правила. Патеката во сабота е во должина од 2.5 км а во недела 1666 метри бидејќи има правила на секои 1600 метри да има простор за хранење на пливачите. Ќе има платформа во езерото, пливачите ќе пливаат шест круга, вкупно 10 км, и ќе имаат можност од своите тренери да добијат храна. Што се однесува до безбедноста на пливачите, над 30 кајакари ќе бидат дел од маратонот, што значи дека до секој пливач ќе има кајак за било каква потреба, рече Роберт Папазов кој е дел од организацијата на денешната прес – конференција.
На маратонот до денеска пријавени се околу 30 пливачи во професионалниот дел и 26 во рекреативниот дел, додека, на Европскиот куп ќе учествуваат 31 пливачи од повеќе земји.
-Европскиот куп се плива во шест земји и можам да кажам дека сме задоволни од бројот на учесници бидејќи 31 пливач за наши услови е рекордна бројка. Тие ни доаѓаат од 13 европски земји но имаме пливачи и од светот, поточно од Шпанија, Швајцарија, Германија, Франција, Данкса, Бугарија, Бразил, Италија, Србија, Унгарија, Шведска, Косово и Македонија, додаде Васил Велков од Пливачка Федерација на Македонија.
Иле Попов којшто е дел од организацијата додека дека подготовките се во завршна фаза и се очекува јубилејниот пливачки маратон да помине во најдобар ред како изминатите девет маратони.
– И оваа година Општинската организација на Црвен крст заедно со службата за безбедност на вода ќе се грижат за пливачите. Со нас ќе бидат и кајакарските клубови од нашиот град кои несебично секоја година ги следат пливачите и учествуваат во делот на безбедноста. Мораме да спомнеме дека овој настан секогаш бил подржуван од Општина Велес, морам да ги спомнам и претходните градоначалници кои неизмерно го подржуваа овој настан, но годинава подршката од Локалната самоуправа и од Колев е најголема, додаде Попов.
На градоначалникот Марко Колев му претставува особена чест што Велес како град ќе биде еден од градовите од светот кадешто се одржува Европскиот куп во далечинско пливање.
-Среќен сум што љубителите на пливање ќе можат да проследат два врвни настани во Велес, да се запознаат со голем број на ѕвезди коишто се од Македонија но и надвор од неа. Ги повикувам сите граѓани од Велес и Македонија да ни се приклучат и да уживаме во спортот овој викенд, додаде Колев.
Велешкиот пливачки маратон финансиски е поддржан од Општина Велес со 450.000 денари.
Стефани Манева
