Во Кавадарци ќе има попис на кучиња и мачки
Општина Кавадарци и здружението на граѓани за заштита на животните „Шепи 2021“ започнуваат заеднички активности за намалување на бездомните животни. Меѓу неколкуте активности кои ќе се реализираат е и пописот на кучиња и мачки кои имаат сопственици.
– Прва и нај комплексна работа што ќе ја изработиме со овој проект е пописот на кучињата и мачки, кои имаат сопственици. Бидејќи тие кои се бездомни се испаднати од нечиј дом. Тоа ќе го изработиме со службата мој општинар. Потоа општината ќе додели бесплатни ваучери за бесплатна стерилизација на кучиња и мачки. Овој метод многу малку од граѓаните го применуваат поради финансиска причина. Така би се спречило неконтролираното размножување на животните и бездомните животни, рече претседателот на „Шепи“ Велика Србакова.
Таа информира дека во наредниот период ќе се постават и едукативни табли кои треба да помогнат да се менува свеста на граѓаните, а планирана е изградба и на „дог паркови“ за домашните миленици.
Ангел Данов