Во Росоман, петти „Меморијален турнир во мал фудбал Сашко Гелов Шулц“

Објавено на 20 мај, 2025 во 13:40
Фото: Минатогодишни победници на Меморијалниот турнир

Уште пед дена фудбалски екипи, составени од четири плус еден фудбалер и со можност на резервни играчи до вкупно 10 фудбалери, можат да се пријавуваат за учество на овој традиционален турнир во Росоман. Котизацијата за учество изнесува 4.000 денари додека потребни информации се добиваат на мобилниот телефонски број 077 490 684 на Тоше Арсов кој е претседател на Друштвото „Сашко Гелов Шулц“ во Росоман.

Петтиот Меморијален турнир во мал фудбал ќе се одржи од 28 мај до 6 јуни, годинава, на игралиштето на старото училиште во Росоман. Пријавените екипи ќе се натпреваруваат за освојување на награди вредни ,за прво место 120.000 денари, за второ место 60.000 денари и за трето место 30.000 денари.

Во име на организаторите, истоименото граѓанско здружение и Општина Росоман, претседателот Тоше Арсов за Дума.мк соопшти дека турнирот за само пет години стана препознатлив во Вардарски плански регион.

-Секоја година добиваме честитки за еден од најдобро организираните турнири во мал фудбал но мотивот е голем, за организација на уште подобар, веќе во наредната година. Така ќе биде и годинава за кога натпреварите ќе се играат во 10 дена, започнувајќи на 28 мај додека финалето ќе се одигра на 6 јуни, на главната манифестација на Општина Росоман посветена на верскиот празник Духовден. Ја имаме поддршката и партнерството на општината и секако спонзорствата од фирмите, на кои користам можност јавно да им се заблагодарам. Во склоп на турнирот ќе имаме и културна програма со настап на фолклорни друштва и естрадни уметници, додаде Арсов.

Фото: Минатогодишни пехари и награди

Меморијален турнир во мал фудбал во Росоман се организира во чест на фудбалерот и долгогодишен капитен на ФК „Росоман“ кој го изгуби животот во сообраќајна несреќа. Дваесет и шест годишниот Сашко Гелов Шулц освен во матичниот клуб, на позицијата везен играч, играше и ја продолжи кариерата во ГФК „Тиквеш“ од Кавадарци, ГФК „Вардар„ од Неготино и ФК „Новаци“. Гелов беше припадник на посебната единица за поддршка на Министерството за внатрешни работи.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.