Во Вешје, неготинско се разгледуваа можности за трансформација на локални ресурси во иновативни производи
Објавено: 21 јули, 2025, во 12:17 часот
Во неготинското село Вешје синоќа се одржа настан посветен на истражување на можностите за трансформација на локалните ресурси во иновативни производи со додадена вредност. Настанот беше организиран од регионалното еколошко друштво „Ековита“, во нивната рурална канцеларија, а обедини рурални жени, млади иноватори и гости од Мировниот корпус на САД.
Централниот дел на настанот го сочинуваше презентацијата на проектот INNOHUB и новиот модел за рурален претприемнички развој наречен „Руралната тезга“, кој има за цел економско зајакнување на локалната заедница.
-Организиравме практична работилница со нутриционист, при што учесниците подготвија и дегустираа производи со додадена вредност. Исто така, организиравме и креативно, но и вкусно натпреварување – американски путер колачиња се натпреваруваа со традиционални медени македонски колачи. Дегустационата комисија, составена од жители на Вешје, ги избра своите фаворити, изјави Кристина Тодорова, координаторка на проектот.
Тодорова изрази благодарност до сите учесници за нивната енергија, креативност и инспиративни идеи, истакнувајќи дека токму тие се срцето на локалните промени.
Проектот INNOHUB се реализира преку подгрант од регионалниот проект EICEE, кој е кофинансиран од Европската Унија и Владата на Црна Гора.
Дума.мк
