Водата од природните чешми во Велес небезбедна за пиење – водата од водоводот во Каласлари ќе се дезинфицира
Објавено: 1 август, 2025, во 10:50 часот
Според најновите анализи за здравствена безбедност на водата за пиење спроведени од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Велес, водата од природните чешми во градот и околните населени места не е безбедна за употреба. Анализите покажуваат зголемен број на индикатори за фекално загадување, што укажува дека водата не ги исполнува прописите за бактериолошка исправност и не смее да се користи за пиење.
Во Велес, испитани се природната чешма Бојаџиина, природната чешма кај Петрова Црква, природната чешма Стојан Бурчевски – второ кладенче, како и чешмата кај црквата на Љубљанска. Анализирани се и двете чешми на Тодор Јанев – едната лоцирана на ридот, а другата кај бројот 75. Покрај нив, испитани се и природната чешма кај црквата во село Каласлари, како и чешмата на сред село во истото населено место. Сите испитани примероци покажале отстапувања од стандардите и присуство на бактериолошки индикатори што ја прави водата несоодветна за пиење.
Дополнително, утврдено е дека водата од локалниот водовод во село Каласлари не ги исполнува законските прописи заради отсуство на резидуален хлор. Овој недостаток значи дека водата не е заштитена од можни микробиолошки контаминанти, поради што ќе се преземат итни мерки за дезинфекција на водоводниот систем, со цел обезбедување здравствено безбедна вода за жителите.
ЈЗУ Центар за јавно здравје – Велес апелира до граѓаните да не ја користат водата од природните чешми и од водоводот во Каласлари сè додека не завршат сите мерки за санација и не се потврди нејзината безбедност.
Извештајот од тестирањето на вода за пиење од природни чешми погледнето го тука и извештајот од водата за пиење во село Каласлари тука.
Стефани Манева


