Возач од Чашка фатен при кражба на нафта од службено возило, при претрес пронајдени и муниција и алат за ловечки патрони

Објавено: 17 јули, 2025, во 14:48 часот

Возач вработен во Јавното претпријатие за комунални дејности „Тополка“ од општина Чашка е лишен од слобода откако бил фатен на дело како краде нафта од службен камион на претпријатието.

Според информациите од Секторот за внатрешни работи Велес, на 16 јули околу 12:45 часот, во атарот на селото Раковец, полициски службеници го затекнале 57-годишниот Д.Ѓ. од општина Чашка како префрла нафта од резервоарот на службено возило во пластичен сад. Од местото на настанот биле одземени две туби – една од шест и една од 10 литри, двете полни со нафта, како и гумено црево кое било користено при кражбата.

По налог на Основниот суд Велес, истиот ден бил извршен и претрес во неговиот дом. Таму биле пронајдени и одземени седум патрони со калибар 16, две пакувања со црна прашкаста материја, 15 иницијални каписли за патрони, машинка за затворање ловечки патрони, кожен ремен за носење патрони, празни чаури и други предмети поврзани со изработка на муниција.

За случајот е известено надлежното Јавно обвинителство, а по целосно документирање на настанот, против лицето ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.