Дрвокрадци во „југо“ натоварено со дрва директно удриле во полициско возило
Објавено: 5 ноември, 2026, во 14:50 часот
Настанот се случил вчера во Кавадарци кога „југо“ во кое биле двајца мажи на 27 и 21 годишна возраст и кои не запреле на дадениот знак од полицијата туку ја зголемиле брзината, скокнале од возилото во движење и се дале во бегство. Автомобилот во кои тие се возеле, возач и совозач, директно удрил во полициско возило, соопшти Сектор за внатрешни работи (СВР) Велес.
„На 04.11.2026 во 15:50 часот во Кавадарци, полициски службеници при преземање службени мерки и дејствија забележале патничко возило „југо“ без регистарски ознаки управувано од Ѓ.К.(27), а сопатник бил А.В.(21), двајцата од Кавадарци, натоварено со огревни дрва. На даден знак за запирање, тие откако ги забележале полициските службеници, продолжиле да се движат со возилото со зголемена брзина и по кратко го напуштиле возилото кое било во движење и се дале во бегство, при што возилото удрило во службеното полициско возило. По преземени мерки и извршени проверки било констатирано дека Ѓ.К. го управувал возилото пред да се стекне со право на управување, а при преглед во возилото биле пронајдени огревни дрва без соодветна документација. Дрвата биле предадени на шумска полиција, а возилото било пренесено во депо на Јавно претпријатие Паркинг Кавадарци. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата, известен бил јавен обвинител и по целосно расчистување и документирање на настанот ќе бидат поднесени соодветни пријави.“
Убавка Јаневска

