Запалената локомотива извлечена од пругата Велес – Скопје, по шест ипол часови нормализиран железничкиот сообраќај
Железничкиот сообраќај на пругата Велес –Скопје нормализиран е од вчера вечер,околу 21:50 часот кога беше извлечена запалената локомотива на товарниот воз. Ноќеска, според возниот ред, навреме по пругата поминаа двата меѓународни товарни возови и утрово од Железничка станица Велес навреме заминаа четирите патнички возови за Скопје, соопштија за Дума.мк од станицата.
Сообраќајната несреќа се случила вчера попладне околу 15:00 часот. Тогаш помеѓу железничка станица „Рајко Жинзифов“ и Велес се запалила локомотива на товарен воз. Присебниот машиновозач ја откачил локомотивата од вагоните, за да не се прошири пожарот.
Поради непристапноста за гаснење на запалената локомотивата со против пожарно возило локомотивата првично била гаснета со противпожарни апарати. Потоа екипи на јавното претпријатие Македонски Железници стигнале на лице место и го изгасиле пожарот и ја извлекле локомотивата.
По шест ипол часови железничкиот сообраќај на пругата Скопје – Гевгелија бил нормализиран.
Убавка Јаневска