Започна расчистувањето на брегот на Езеро Младост

Објавено: 25 ноември, 2025, во 15:12 часот

Започна темелното чистење на Езеро Младост, активност која ја спроведува Јавното претпријатие „Лисиче“, согласно планот за спас и обновување на езерото. Во изминатите два дена, екипи интензивно работат на отстранување на наслагите што со години се таложеле по бреговите, како и на расчистување на сувата трска, скапани дрвја и земјени наслаги што го нарушувале изгледот и функционирањето на езерото.

Директорот на ЈПВ „Лисиче“, Ванчо Маневски, при денешниот увид на терен ја оцени ситуацијата како сериозно запоставена.

-Ситуацијата на лице место е запоставена. Подолг временски период не е расчитено, има многу земја, многу наслаги. При чистењето доаѓаме и до плажата којашто си стои како претходно, скоро стасуваме и до песокта на самата плажа. Активноста продолжува, ние ќе го расчистуваме цело крабрежје на езерото и во план сме да го обложиме со песок или речен камен со којшто ќе добие нов лик, објасни Маневски.

Во тек е подготовка и за следните фази, поточно, за многу скоро ќе биде распишан Повик за хидролошки истражувања, за почеток на изградба на две бушотини од кои се очекува да обезбедат дополнителен додаток на кислород во езерото.

-Бидејќи Рудничка река скоро и да нема вода, додека Отовичка река има минимален проток којшто не е доволен за езерото, со овие две бушотини ќе го одржуваме езерото во добра кондиција. Во план е да се донесе цевководот од Раштански пат до Езеро Младост со којшто ќе се поврзат двете езера, поточно Лисиче со Младост, како трајно решение за идните генерации, изјави Маневски.

Според Маневски, делот од Отовичка страна на езерото се очекува да биде исчистен за еден месец, по што екипите ќе се префрлат на другата страна од езерскиот брег, иако овој рок не е целосно сигурен и зависи од состојбата на теренот и динамиката на работите.

За реализација на сите активности, преку програмите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за животна средина, обезбедени се 10 милиони денари. Од вкупната сума еден милион денари се наменети за чистење, транспорт и депонирање на наслагите од Младост на депонијата на ЈКП „Дервен“, пет милиони за изградба на бушотини, додека четири милиони за проектирање и санација на темелниот испуст на браната, кој ќе служи за подобра размена на вода во езерото.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.