Затворена модуларната, кавадаречката Општа болница започнува со редовна работа
Ковид центарот во кавадаречката општа болница е затворен. Во него подолго од 15 дена нема нови хоспитализации на ковид позитивни пациенти, информираше денеска директорот на болницата, д-р Диме Коцев. Тој нагласи дека за седумипол месеци тешка борба со вирусот, во инфективната амбуланта биле извршени 12650 прегледи, а 843 пациенти биле хоспитализирани. Стапката на морталитет од корона вирусот во кавадаречката болница изнесува 18% и е далеку под европскиот просек.
Д-р Коцев искажа благодарност на сите здравствени работници кои беа вклучени во ковид центрите, но и до бизнис заедницата која несебично помагаше. Сега сите амбуланти и оддели во ЈЗУ Општа болница Кавадарци ќе работат нормално, а се враќа и редовната програма на операции на хируршкото одделение.
„Во изминатиот период од седум и пол месеци во нашиот ковид центар болнички се лекуваа 843 пациенти од Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Росоман, Градско и Валандово, со што уште еднаш го потврдивме статусот на регионална болница. Среќни сме што огоромен процент од овие болни се оздравени и пуштени на домашно лекување. За жал имаме и починати пациенти. Стапката на морталитет од оваа болест во нашата болница изнесува 18% и е далеку под европскиот просек“ додаде д-р Коцев.
Од почетокот на пандемијата во Кавадарци се регистрирани вкупно 5155 заразени со корона вирус, а во моментов активни се само 9 случаи. Во инфективната амбуланта на кавадаречката болница биле извршени 12650 прегледи.
Во регионалниот пункт за имунизација во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци до овој момент се вакцинирани 17.850 граѓани од повардарскиот регион или 8500 кавадарчани.
Ангел Данов