Жители на улица „Тодор Јанев“ и соседните под Вршник, во Велес, бараат да се исчистат наносите од земја на коловозот и да се ослободат тротоарите од возила
Граѓани кои што живеат на улица „Тодор Јанев“ или се движат по неа за да стигнат до домовите на соседните „Васил Главинов“, „Игманска“ и „Сараевска“ се жалат дека не можат да пешачат од автомобили паркирани на тротоарите и наноси од земја на асфалтот. Тие зборуваат дека особено изразена ваква состојба е на почетокот на улицата, најдолу, поточно на спојот со улица „Васил Главинов“ и околу угостителски парк како и место за одмор каде целиот асфалт е прекриен со свлечена земја и парчиња од камења од врвот на ридот Вршник.
„Хаос од сообраќај има пред угостителскиот објект и куп земја што стои кај летниковецот малку подолу до скалите кај Женката. Од паркираните автомобили ние, пешаците, се движиме по улица а возилата се на тротоар. Земјата е од минатата година кога беа оние поројни дождови , па не можеа да ја соберат оти немале механизација, им била позајмена на селските населби за градежни работи. Тој простор во зима е огромен вир и кал , а во лето прашина како да си во некоја пустина. Кога има ветер земјата удира по кожа како да се клинчиња. Се јавувавме и пишувавме маилови, ама џабе. Побаравме и столбчиња да стават , наводно од полиција не дозволувале. А лани се случи и сообраќајка на една мајка со количка во која имаше бебе, баш на таа дуплка на раскрсницата,“ рекоа граѓаните.
Тие побараа медиумска помош, да се обидат да дојдат до одговор која е причината за неуреденоста на улицата, со купови земја и дозволено паркирање на автомобили на тротоарите и на раскрсницaта кои им го одземаат правото безбедно да се движат.
Дума.мк побара одговор на новинарското прашање како може да се регулира паркирањето на оваа улица во Велес и да се воспостави поголема безбедност за граѓаните и особено за децата, пешаци со поставување на сообраќајни столбчиња од Секторот за внатрешни работи Велес. Оттаму одговорија:
„Во врска со безбедноста на децата во близина на ул.„Тодор Јанев“ и поставувањето на столбчиња Ве молиме да се обратите во општина Велес бидејќи тие се надлежни.“
Од Општина Велес до објавување на информацијата не добивме одговор на новинарските прашања.
Оваа и соседните улици кои се стрмни се наоѓаат во новиот дел на Велес, под ридот Вршник.
Убавка Јаневска