Жителите на Велес и околината летово ќе имаат сигурно водоснабдување од ХС „Лисиче“

Објавено на 13 мај, 2025 во 13:15
Фото: Архива на Дума.мк

Жителите на Велес и околните населени места кои се снабдуваат со вода за пиење преку Хидросистемот „Лисиче“ ќе имаат доволни количини вода за претстојното лето, но и до крајот на годината. Во моментов, котата на езерото „Лисиче“ изнесува 421,01 метри надморска височина, што во акумулација претставува 21.209.600 метри кубни вода. Годишната потрошувачка изнесува околу 6 милиони метри кубни вода.

Покрај водоснабдувањето, дел од водата од езерото „Лисиче“ се користи и за наводнување на земјоделските површини во населените места во Општина Чашка, преку истиот цевковод.

Според надлежните, моменталниот водостој е близу до максималната кота од 423 метри надморска височина, која овозможува вкупна зафатнина од 23.347.000 метри кубни вода.

Поволната состојба со нивото на водата во езерото се должи на обилните врнежи од дожд, особено во изминатите два месеци, како и на добрата хидролошка состојба на реките Тополка и Врановска, кои го полнат езерото преку браната.

Водата од езерото се носи преку Хидросистемот „Лисиче“ до Филтерстаницата, каде се врши нејзино прочистување и проверка на квалитетот, по што се дистрибуира до корисниците во Велес и околните места.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.