ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ домаќин на Државното првенство во одбојка, машката екипа на училиштето го освои трето место (видео и фото)

Во спортската сала на ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ во Велес, вчера, се одржа Државно првенство во одбојка за машки ученици од средно образование. Првото место го освои одбојкарската машка екипа на СОУ „Јане Сандански“ од Струмица совладувајќи ја екипата на СОУ „Раде Јовчевски Корчагин“ од Скопје која го освои второто место. Третопласирана е екипата на домаќините од ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ од Велес и четвртото место го освои екипата на СОУ Гимназија„Кирил Пејчиновиќ“ од Тетово.

Ангелче Гушев професор по физичко образование на ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ како домаќин го потенцираше гостопримството коешто го покажаа како и задоволството што ова иако државно но според местоположбата велешко средно училиште има подготвена машка екипа вредно да се бори за освојување на едно од трите први места на државно ниво.
Професор Гушев е задоволен од освоеното трето место на училишната екипа на државниот натпревар.

Од условите за успешно организирање и одржување на Државното првенство во ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ беше задоволен проф. д-р Александар Туфекчиевски претседател на Федерација на училишен спорт на Македонија. Целта на Федерација е што помасовно вклучување на учениците од основните и средни училишта во земјава во организиран систем на натпревари од општински преку зонски и регионални натпревари се до државното првенство, истакна Туфекчиевски, и потенцираше дека е потребна поддршка на сите видови спортови при учеството на европски и светски првенства. При тоа тој потенцира дека Федерацијата на училишен спорт има одлична поддршка како од општините така и од државата.

Претседателот на Сојуз на училишен спорт на Општина Велес, Иле Попов, истакна дека за професорите по спорт е многу значајно да ги донесат екипите до државни натпревари бидејќи така се создава потенцијал за идни спортисти во градовите. Според Попов тоа што е значајно за професорите по спорт е меѓусебната поддршка и заедничкото мотивирање на учениците да стигнат до државен натпревар без разлика во кое средно или основно училиште учат учениците.


Федерацијата за училишен спорт на Македонија е формирана како невладина организација во 1964 година за да го организира училишниот спорт во Македонија. Како покровител на натпреварите Федерацијата има стандарден систем којшто се состои во натпревари коишто се одржуваат прво во три региони, со 36 општинки сојузи за училишен спорт кои се поделени во 12 зони. Во државата постојат 250 училишни спортски клубови кои се формирани во основните и средни училишта.
Убавка Јаневска
