(фото) Голема посетеност на јубилејниот 10 outdoor festival „АЗОТ мтб предизвик 2024“ организиран од „Велес Бајкинг“
Повеќе од 300 велосипедисти, 100 планинари, двајца планински тркачи и уште 100-тина љубопитни посетители беа дел од десетиот јубилеен outdoor festival „АЗОТ мтб Предизвик 2024“ кој традиционално го организира „Велес Бајкинг“. Во прекрасен природен амбиент учесниците престојувале во кампот во доворот на училиштето „Петар Поп Арсов“ во село Богомила. Како што вели претседателот на здружението „Велес Бајкинг“, Зоран Јаневски, според реакциите на сите учесници оваа година се надминале сите очекувања во поглед на организација и приемот на гостите од страна на домаќините.
-Целокупниот настан беше опфатен официјлано во два дена со голем број на настани за сите учесници. Првиот ден беше предвиден за велосипедска рекреативна тура до манастир „Рождество на Пресвета Богородица“ во блиина на село Согле каде учесниците се воодушевуваа од овој прекрасен црковно-духовен храм. Во кампот се одржа првата цикло крос трка за млади велосипедисти до 14 години, имаше кино на отворено каде се прикажуваа документарни филмови за регионот АЗОТ, Богомилите и Богомилството, како и промотивни видеа од минатите деветта година на фестивалот. Во попладневните часови за сите учесници имаше AGRIA GRILL NIGHT каде се печеше бесплатна скара, а имаше и вкусна чорба направена од организаторите. Свој перформанс имаше и DJ NESHO кој воедно е и член на „Велес Бајкинг“ и дел од организацијата, а во вечерните часови се до полноќ концерт одржаа и D CHIKS од Велес кои направија фантастична атмосфера, додава Јаневски.
На кампот во вечерните часови се одржала и голема рок забава на која дополнително се појавиле и други гости од Велес.
-Вториот ден, се возеа две велосипедски патеки и тоа: голема патека: 40.1 km +1399м средна патека: 30.4 km +1011м Патеките поминуваат низ неколку села од областа Азот и тоа село Богомила, село Нежилово, село Папрадиште Планинарски дом Чеплес како и низ многу прекрасни природни пејсажи низ течението на река Бабуна како шлто се погледот кон врвот Солунска глава ( 2451 мнв). Неколку природни водопади и многу убави шумски патеки. Освен велосипедската , се одржа и планинарска тура во должина од 16,2км со посета на манастирот Св.Петар и Павле во село Бистрица а учество земаа околу 100 планинари. Двајца учесници во планинско трчање ја истрчаа средната патека за велосипедисти во должина од 30.4 km +1011м за време од 3 часа и 40 минути.По завршувањето на сите активности, се организираше и заеднички ручек и богата лотарија со награди за сите учесници, додава Јаневски.
На настанот учествувале и повеќе од 25 велосипедски здруженија, членки на МААВЗК – Македонска Асоцијација на Аматерски Велосипедски Здруженија и Клубови, неколклу планинарски клубови од цела Македонија и секако Атлетскиот клуб Борец од Велес.
Јаневски гордо надополнува дека ова е најголемиот outdoor festival во нашата држава и истовремено најголем туристички промотор на целиот регион.
Повеќе фотографии од настанот можете да погледнете на нивната фејсбук страна.
Стефани Манева