(фото) Велешките спортски игри крунисаа меѓународни шампиони

Секоја вечер од 3-ти до 7-ми јуни, Градскиот парк во Велес беше исполнет со спортска еуфорија. Велешките спортски игри уште еднаш собраа огромен број на посетители кои распоредени на неколку спортски терени, следеа возбудливи натпревари во кошарка, одбојка, фудбал, тенис и текбол. Манифестацијата и годинава ја потврди својата репутација како една од најзначајните спортски случувања во регионот, со сè поголемо учество на меѓународни екипи и поединци. Препознатливоста на велешките игри расте од година во година, а доказ за тоа е и присуството на играчи од САД, Шпанија, Србија, Црна Гора и други земји.

Во кошарката, првото место го освои тимот „Снага“, кој настапи со силна и шаренолика постава составена од Ty Harris од САД, Валмир Какруки, Лејсон Зекири и Фајтон Реџа. Тие доминираа низ целиот турнир и ја заслужија титулата со сигурна и енергична игра. Второто место му припадна на тимот „Кино Влае“ од Скопје, каде играа Милорад Миновски, како и тројцата српски кошаркари Един Весковиќ, Ален Весковиќ и Милош Петковиќ, кои се покажаа како одлично уигран состав. Третото место го освои тимот „Јуниори“ кои покажаа дека младоста и талентот ветуваат многу.

Во машкиот дел на одбојкарскиот турнир, на песокот блеснаа Матеј Митев од Македонија и Пабло од Шпанија, кои со доминантна игра стигнаа до златото. Нивниот настап беше вистинска атракција за публиката. Второто место го освоија Зара Колев и Филип Јованов, додека бронзата замина кај црногорскиот тандем Александар и Даријан.


Кај женските одбојкарски парови, најдобри беа Шпанките Патриција Веласко и Марија Севијано, кои со леснотија ги добиваа натпреварите и ја освоија титулата. Одличен настап имаа и македонските претставнички Бојана Маројевиќ и Мила Вакувска, кои се закитија со сребро, додека третото место го освоија Селма Сутај од Црна Гора и Сара Симоновска од Србија, покажувајќи одлична соработка и спортски дух.

Велес уште еднаш покажа дека знае да организира спортски настан на високо ниво. Со секоја наредна година, игрите добиваат на значење и обем, а ентузијазмот на публиката и учесниците ветува уште посилна програма следната година.
Стефани Манева
